Трамп остро го нападна папата Лав XIV по неговиот антивоен повик
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп упати остри критики кон папата Лав XIV, нарекувајќи го „ужасен“ во надворешната политика и „слаб во борбата против криминалот“. Во објава на платформата „Трут соушал“ (Truth Social), Трамп дополнително ги заостри односите со Ватикан.
Трамп ги критикуваше ставовите на папата за глобалните конфликти, наведувајќи дека не сака поглавар кој смета дека е прифатливо Иран да поседува нуклеарно оружје или кој се спротивставува на американските акции против Венецуела.
Тој го обвини Лав XIV и за усогласување со неговите политички противници. Американскиот претседател сугерираше дека изборот на папата бил под влијание на неговото американско потекло, додавајќи дека Лав XIV треба да биде „благодарен“.
Коментарите на Трамп следуваат по проповедта на папата од саботата во базиликата „Свети Петар“, во која повика на прекин на војните и побара од светските лидери да ја запрат ескалацијата. „Доста со демонстрација на сила! Доста со војна!“, порача папата.
Лав XIV, кој предводи околу 1,4 милијарди католици, предупреди на „илузијата на семоќност“, а во последните денови ги засили критиките кон конфликтот со Иран, оценувајќи ги заканите кон оваа земја како „целосно неприфатливи“.
САД и Израел започнаа масовни напади врз Иран на 28 февруари, по што Техеран возврати со напади низ Блискиот Исток. Во моментов во сила е кревко примирје.
Папата, кој е првиот поглавар на Католичката црква роден во САД, често се профилира како критичар на надворешната политика на Трамп.