Трамп најавува скорешен договор, Техеран сè уште нема донесено одлука
Надежите за мир меѓу Иран и Соединетите Држави денеска пораснаа, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека договорот меѓу двете земји би можел да биде потпишан уште овој викенд, дури и покрај тоа што Техеран соопшти дека сè уште нема донесено конечна одлука.
Договорот, доколку биде потврден, би бил најзначајниот дипломатски пробив досега за прекин на тримесечната војна во која загинаа илјадници луѓе и која драстично ги зголеми глобалните цени на енергијата, откако Иран речиси целосно ја затвори Ормуската Теснина за бродски сообраќај.
– Штотуку постигнавме одличен договор за војната со Иран – им изјави Трамп вчера на новинарите во Белата куќа.
– Протокот официјално ќе се отвори штом потпишеме, што би можело да биде наскоро, многу наскоро, можеби овој викенд во Европа – рече тој, додавајќи дека потпретседателот Џеј Ди Венс ќе присуствува на потпишувањето на договорот.
На прашањето дали иранскиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи го одобрил договорот, Трамп рече: „Колку што јас разбирам, одговорот е да“.
Од средината на март, Трамп во повеќе наврати тврдеше дека договорот со Иран за прекин на војната е блиску. Двете страни оваа недела разменија напади, со што се наруши примирјето прогласено во април.
Иранските медиуми ја пренесоа изјавата на портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багеи, кој тврди дека големи делови од договорот се финализирани, но дека Иран нема да попушти во врска со прашањата што се неприфатливи за него.
– Не сме дошле до конечен заклучок за ова прашање – рече тој. „Ова е многу важно прашање кое во моментов го разгледуваат релевантните тела за донесување одлуки“.
Азиската берза денеска се приклучи на силниот глобален раст во надеж дека мировниот договор конечно би можел да се оствари, додека цените на нафтата паднаа на двомесечен минимум.
Сепак, тензиите останаа високи околу Ормуската Теснина, при што американските сили соборија два ирански напаѓачки дронови откако Техеран се обиде да ги нападне трговските бродови кои поминуваат низ клучниот пловен пат, изјави американски функционер.
Иранската војска запре танкер кој се обидел да помине низ протокот, јавија државните медиуми, известувајќи за звуци на експлозии во раните утрински часови денеска.
Објавата на Трамп следуваше откако тој ги откажа планираните воени напади врз Иран, наведувајќи го како причина напредокот во преговорите.
– Тоа е многу силен меморандум за разбирање кој е по малку концептуален – им рече Трамп на новинарите.
Трамп во повеќе наврати рече дека секој мировен договор мора да обезбеди дека Иран нема да може да развие нуклеарно оружје. Иран негира дека сака такво оружје.
Иранските барања вклучуваат укинување на меѓународните санкции, ослободување на милијарди долари замрзнати средства и признавање на неговата контрола над Ормуската Теснина.
– Најважно е дека во Иран нема да има нуклеарно оружје. Тоа значи ниту развиено ниту купено – рече Трамп подоцна на еден партиски собир.
Претходно вчера, Трамп изјави дека Соединетите Држави „вечерва силно ќе удрат“ врз Иран и дека на крајот би сакале да го преземат неговиот енергетски инфраструктурен центар, островот Харг.
Судирот стана политичка главоболка за Белата куќа, со анкети кои покажуваат пад на рејтингот на Трамп во услови на гнев на гласачите поради високите цени на бензинот.
Некои републиканци отворено изразија загриженост дека непопуларноста на војната би можела да ги чини контрола над Конгресот на меѓуизборите во ноември.
Но, политичките размислувања на Трамп вклучуваат и задоволување на републиканските јастреби кои сакаат спроведување на строга политика кон Иран, кои веќе го саботираа претходниот обид за постигнување договор, инсистирајќи на тоа дека секој договор мора да му го затвори патот на Техеран кон развој на нуклеарно оружје.
Реакцијата на останатите блискоисточни сили исто така ќе биде клучна.
Трамп на социјалните мрежи објави дека договорот е одобрен од бројни земји, вклучувајќи ги Израел, Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати.
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави соопштение по разговорот меѓу израелскиот премиер и Трамп, во кое стои дека Израел не е страна во меморандумот за разбирање со Иран.
Нетанјаху изрази благодарност до Трамп за посветеноста кон постигнување договор кој вклучува отстранување на збогатениот материјал, демонтирање на инфраструктурата за збогатување, ограничување на производството на проектили и прекин на поддршката за регионалните сојузници (прокси-силите), покажа резимето.
Техеран побара прекин на израелските напади врз Либан, каде што борбите продолжуваат во паралелна војна меѓу Израел и Хезболах, кој е поддржан од Иран.