Токсичен систем


НИКОЛА ПОПОВСКИ

Поради бројни фактори, денес живееме во ера кога статистичките податоци од најразличен, често и прозаичен карактер се сè подобри и побројни и кога се лесно достапни за секого, а воедно и споредливи на меѓународно ниво. Тоа многу ја подобрува информираноста на сите луѓе и разни ентитети и организации во светот и значително ја подобрува нивната критичка точка на гледање кон оние работи и нешта што разните ПР-служби или други погрешно заинтересирани обично сакаат да им ги сервираат со доза на прикриена или отворена пристрасност или пак едноставно целосно да им ги скријат. Сега е многу полесно за сите, податоците се сè поточни, подостапни и потранспарентни и тој тренд веројатно ќе расте до засега непредвидливи нивоа, што ќе го прави животот уште попредвидлив и полесен, а процесите на управување со разни системи сè посложени, при што ќе имаат потреба од сè поголеми знаења и вештини, вклучувајќи и искуство, едноставно поради тоа што информациите веќе ни од далеку не се монополизирани и тешко преносливи како што беа пред ИКТ-технолошката револуција.

Но да не должиме, благодатот од таквата состојба со информациите и статистичките податоци е голем. Благодарение на тоа, на пример, деновиве дознавме дека во рамките на земјите од ЕУ во 2018 година 28,3 отсто од жителите не можеле да си дозволат еднонеделен годишен одмор надвор од својот дом. На прв поглед, тоа е висок процент (станува збор за повеќе од секој четврти жител на ЕУ) за земји што спаѓаат во клубот на најразвиените во светот и со потврден и докажан стил на живот, што е многу покомфорен од другите и повеќе ориентиран кон поповолна комбинација на работни напори и уживања, придружени со обезбедени и користени социјални (здравствени, образовни, пензиски, директна социјална заштита и др.) права, споредено, на пример, со САД или Јапонија и Јужна Кореја.

Сепак, еден податок фрла сосема друга светлина на претходниот, а тоа е дека само пред 5 години, во 2013 година дури 39,5 отсто од истите тие жители на ЕУ (од тогаш ЕУ според бројот на држави членки не е ниту проширена ниту смалена) не можеле да си дозволат таков годишен одмор надвор од домот. Тоа значи дека во 2013 година на тројца жители што можеле да си дозволат, двајца не можеле да си дозволат еднонеделен годишен одмор надвор од својот дом. Намалувањето на бројот на ваквите жители за околу 30 отсто или за над 11 процентни поени (од 39,5 на 28,3 отсто), во рок од само пет години, е фасцинантно и зборува за тоа дека бргу се ближи времето кога тие жители во ЕУ во целина ќе се сведат на околу 10 отсто или и помалку од 10 отсто како што е сега, на пример, состојбата во Шведска со 9,7 отсто. Со еден збор, со сите проблеми што постојат во нејзиното функционирање и со сите внатрешни притисоци, неефикасности и неефективноста што често почна да се споменува внатре во ЕУ, се чини дека земјите членки и жителите на ЕУ сериозно напредуваат во квалитетот на живот и за себе си обезбедуваат многу пристоен живот и уште попредвидлив живот во иднина. Нешто што и понатаму ги прави магнет за многу луѓе од целиот свет, па дури и за оние од сопствените понеразвиени земји членки кои сакаат да се преселат, да живеат и да работат токму таму.

Нормално, погрешно е да се сфати дека во ЕУ сите имаат еднакво добар живот и перспективи. Прво, тоа е очигледно во поглед на постојните разлики меѓу земјите членки и второ, меѓу граѓаните во секоја поединечна земја членка. Во првиот случај, тоа се, засега, ненадминливи разлики во нивото на развиеност. Во конкретниот случај со можноста да си дозволат еднонеделен годишен одмор надвор од својот дом, на пример, во Романија, Хрватска, Грција и Кипар над половина од населението не може да си ги дозволи фамозните седум дена годишен одмор надвор од својот дом, а во вториот случај, видливо е дека и во Шведска, Данска и Луксембург, кои се на самиот врв од благодатите во ЕУ, сите жители не можат да си го дозволат тоа. Тоа до одредена мера е и разбирливо, иако тоа воопшто не значи и дека е прифатливо. Но тоа што е најбитно е што се прикажува статистички прилично уверлив и добар напредок во целина.

Споредливоста на нашата земја според овие податоци е практично неверојатна. Според некои податоци што се среќаваат, во Македонија над 63 отсто од населението, односно близу 2/3 од вкупното население не може да си дозволи еднонеделен годишен одмор надвор од својот дом. Причините за тоа се многубројни. Можеби за нас е подобро да се употреби инверзниот податок, а тоа е дека само малку над 1/3 од населението, би рекле, воопшто може да си дозволи „луксуз“ од еднонеделен годишен одмор надвор од својот дом. Зачудувачки за една релативно индустријализирана економија што над 55 отсто од својот БДП создава во секторот на услугите – приватни или јавни.

Јасно е дека ваквото сериозно отстапување на нашите статистички показатели во споредба со оние од ЕУ не се ни непознати ни случајни. Тие се вообичаени и многу очекувани. Но тоа што внесува соодветен немир е што веќе 2-3 децении не постои видливо, па макар и незначително смалување на разликите во однос на ЕУ, па ниту тоа е на повидок. Ако ги бараме причините за таквата состојба, тие се чини дека се од субјективна природа во сè поголем обем. Објективните причини се сè помалку, а субјективните сè побројни. Доколку оваа земја, на пример, самата себеси со децении не може да се ослободи од погрешните политички и бизнис елити и доколку не може да изгради ни една единствена сериозна институција или пак да промовира елементарен општествен или политички консензус, тогаш што би можело да се очекува како можен резултат за неа.

Луѓето што ја водат земјава на највисоко и средно ниво најчесто се појавуваат како еден вид „месии“ во одреден краток период, а потоа набргу завршуваат неславно и отфрлени како целосно несоодветни за тоа за што биле задолжени. Најчесто за тоа и самите се виновни. Доаѓаат промовирајќи високи морални норми и начела и стручност, а брзо завршуваат со случаи на нестручност, корупција, непотизам, злоупотреби, друг вид криминал или неморално однесување и како резултат на тоа, конечно, многу бргу и незаконски се збогатуваат врз грбот на граѓаните. Членовите на Собранието, претставниците на извршната и на судската власт се типични случаи на ваквото однесување кое едноставно никогаш не запира. Се разбира постојат и други поединци што се исклучоци, но тие не се главната карактеристика на институциите. Овие првите се тие.

Затоа во земјава криминалните случаи од висок ранг се множат многу побргу од што тие можат да се разрешат и де факто се разрешуваат. Не случајно се добива уверлив впечаток дека сите се навлезени во некакво ниво на корупција, непотизам и криминал, од што нема излез. Додека еден случај да се разреши, буквално сто нови со поголем интензитет ќе се појават од кои завршница нема да имаат ни пет, па сè ќе почне од почеток. Во такви околности неказнивоста како начело станува основно начело на функционирање на системот и на таков начин, системот полека но сигурно тоне како торпедиран брод на отворен океан. Никој не ги решава проблемите на општеството, сите се ориентирани кон личниот интерес без одговорност за работењето и без казнивост за незаконското и криминално однесување, а се чини и дека малкумина се загрижени за сето тоа, па во такви околности каков било вкупен и заеднички резултат е чиста илузија. Системот станува токсичен.

Оттука, не е ни чудно што нашите резултати не можат ни да почнат да се приближуваат до оние на ЕУ и што ЕУ како понапредна организација и поразвиена економска и социјална структура постојано успева, во релативна смисла, да биде многу чекори пред нас, иако е очекувано дека понеразвиените и помалку организирани структури, каква што е нашата земја, би требало да прават поголеми и похрабри чекори и промени со побрзо темпо. Но тоа не е случај, за што одлична илустрација се и показателите за побрзото намалување на процентот на населението што не може да си дозволи еднонеделен годишен одмор надвор од својот дом во рамките на ЕУ и кај нас.