Тешка разделба со УБК

Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Директорот на новата Агенција за национална безбедност Виктор Димовски се појави вчера во парламентот и сведочеше пред надзорната собраниска Комисија за преземањето на кадри од доскорешната Управа за безбедност и контраразузнавање која, пак, од 1 септември годинава замина во историјата – со „етикета“ дека во годините по осамостојувањето била генератор на сите поголеми политички кризи во земјава.

Големата афера со прислушувањето, која ги исфрли на површина сите слабости во функционирањето и поставеноста на клучните државни институции, беше причината поради која УБК заврши со клуч на врата. Да не беше тој момент, вчера немаше да биде „голема вест“ појавувањето на првиот разузнавач пред комисијата која треба да обезбеди парламентарен, поточно цивилен надзор над безбедносниот сектор. Напротив, тоа ќе беше сосема нормална и рутинска обврска за остварување на демократските принципи за рамнотежа и контрола меѓу властите во земјава.

Но првото појавување на Димовски на сослушување во парламентот, пред Комисија на чие чело некогаш неприкосновениот претседател на парламентот Трајко Вељаноски, стана вест затоа што во минатото, на пример, ќе беше преседан ако се случеше најдолговечниот (и „најозлогласен“) директор на УБК, Сашо Мијалков, да се појави пред некоја од надзорните комисии во законодавниот дом, со кои по правило претседава опозицијата. Но тоа не се случи, така што уште се памети како тогашните опозициски пратеници Есад Рахиќ или Тито Петковски залудно го чекаа шефот на УБК да се појави на комисиска седница за да поднесе извештај за работењето на институцијата што ја предводи. И секогаш одново тој не доаѓаше да реферира за работењето на институцијата што ја предводи или за примената на ПИ-мерките, за кои подоцна, со откривањето на аферата со прислушувањето, се покажа дека исто така се злоупотребувале.

Посебна приказна е извештајот на експертскиот тим на ЕК, предводен од Рајнхард Прибе. Најголем простор – за најгласна и најексплицитна критика таму беше одделен токму за состојбите во безбедносно-разузнавачкиот сектор – не толку за Агенцијата за разузнавање, колку за УБК, која беше посочена како една од причините за нефункционалноста и непрофесионалноста на други институции на системот. Посебен дел во овој извештај беше посветен на неможноста на парламентот да обезбеди контрола и надзор над службите. Оттаму произлезе и потребата од безбедносни реформи, што пред извесно време беа донесени со консензус на сегашните власт и опозиција, а сега се проблематизира нивното спроведување, со што и од старт се нарушуваат кредибилитетот и довербата во новата АНБ.

А, да не ја исцртаа „бомбите“ вистинската слика за УБК како институција во која масовно се прекршувале граѓанските права во земјава, се подготвувале политички линчови, се плетеле сценарија за влијанија врз судството и обвинителството…, наместо да се работи за заштита на државните интереси и на безбедноста на земјата, АНБ, веројатно, немаше ниту да постои. Во таков случај немаше да има потреба ниту од селекција на вработените во УБК, односно за безбедносни проверки за тоа кој од нив може да продолжи да работи во разузнавачката дејност. По таа аналогија, да беше сè како што треба во и со УБК и деновиве немаше да се шират разни приказни, теории на заговор, сценарија и шпекулации – за големи превирања со кои наводно се соочува новата АНБ по само еден месец откако почна со работа.

Но, какви и да се пропустите што се направени во и околу АНБ во изминатиот еден месец, јасно е дека тие не можат да бидат поголеми од сите пропусти во работењето на УБК, особено во последните десетина години. Од тој аспект, ќе беше бесмислено ако сите разузнавачи од УБК се преселеа во АНБ. Ама ете не се преселија, туку добра дел од нив не ги поминаа безбедносните проверки, а добар дел не ни пробале да го поминат, затоа што знаеле дека нема да успеат, па решиле да се задоволат со останување на работна позиција во МВР, каде што, пак, ветингот допрва почнува…

Всушност, ќе беше чудно ако селекцијата на досегашните кадри во УБК поминеше без потреси и одеци во јавноста. Напротив, превирањата околу новата АНБ се очекувани, затоа што лесно можеше да се претпостави оти досегашните разузнавачи кои нема да ги поминат безбедносните проверки, односно т.н. ветинг, ќе се обидат да го возвратат ударот со подземни игри. Но со тоа УБК и голем дел од кадрите во неа тешко дека ќе можат да се ослободат од одговорноста за сите случувања во безбедносниот сектор изминатата повеќе од една деценија и за влијанието на тие случувања на сите силни политички потреси низ кои минуваше државата, а кои ја уназадија на патот кон евроатлантските интеграции. Доследното спроведување на реформите, пак, пред сè во делот на безбедноста, правосудството и администрацијата, треба да биде гаранција за враќање во колосекот на нормалноста.