Танкер со хемикалии тоне покрај брегот на Шри Ланка, може да предизвика еколошка катастрофа


Танкер полн со хемикалии тоне покрај брегот на Шри Ланка, додека светот стравува дека оваа несреќа може да се претвори во еколошка катастрофа, пишува Би-би-си.

Танкерот „X-Press Pearl“, регистриран в СИнгапур, гореше две недела пред пожарот да биде изгасен оваа недела.

Ако бродот потоне, во морето би можело да се излеат стотици тони горива и да го уништат тамошниот морски живот.

Морнариците на Шри Ланка и на Индија изминатите денови заеднички работеа на гасење на пожарот, а сега на спречување на кршење и потонување на бродот, но операцијата им ја отежнива немирното море и монсунските ветрови.

Портпаролот на морнарицата на Шри Ланка, Индика Силва за Би-Би-си вели дека „спасувачите се обидуваат да го повлечат бродот кон длабоко море пред да потоне за да се минимизира загадувањето на морето“.

Уништување на целото морско дно

Екологистката Ајанта Перера предупреди на можноста од потонување што претставува најлошо сценарио за околината.

„Со својот опасен товар, азотна киселина и други соединенија, како и горивото од бродот, потонувањето може да доведе до уништување на морското дно“, вели таа.

Крајбрежјето кај градот Негомбо веќе е загадено со нафта и други загадувања.

Министерството за рибарство на Шри Ланка објави дека на сила се вонредни мерки за да се заштити лагуната на Негомбо и околното подрачје.

Посадата знаела за истекувањето

Функционерите на Шри Ланка веруваат дека пожарот е предизвикан од истекување на азотна киселина за што посадата знаела од 11 мај. Бродот превезувал 25 тони силно корозивни киселини, кои инаку се користат во производство на ѓубриво и експлозив.

„X-Press Shipping“, компанија со седиште во Сингапур во чија сопственост е бродот, потврди дека посадата била свесна за истекувањето, но дека Катар и индија му ја ускратиле дозволата да влезе во нивни води.

Фактот дека Шри Ланка дозволила бродот да влезе во нејзини води предизвика бурни реакции во јавноста.

Надлежните поднесоа полициска пријава против капетанот на бродот кој минатата недела е спасен заедно со останатите членови на посадата.

Полицијата на Шри Ланка наводно капетанот и инжињерите ги испрашувала повеќе од 14 часа.