Светот врие, демонстрации со жртви на Куба и во ЈАР, на Авганистан му се заканува граѓанска војна
Со повлекувањето на меѓународните сили од Авганистан, насилството е во пораст, а талибанците напредуваат, на Куба со денови се организираат протести против комунистичкиот режим, а во Јужноафриканската Република досега загинаа 72 луѓе, по протестите кои избија поради затворањето на поранешниот претседател Џејкоб Зума.
Еден маж загина, а неколку граѓани и припадници на безбедносните сили се повредени во текот на демонстрациите во предградие на Хавана на Куба во понеделникот.
Сите се префрлени во болница, јави државната кубанска новинска агенција.

Веста е прва официјална потврда за смртен слуачј во текот на немирите и демонстрациите на Куба кои избија во неделата ширум таа комунистичка земја поради длабоката економска криза и порастот на бројот случаи со Ковид-19.
Агенцијата јави дека „организирани групи антисоцијални и криминални елементи“ се обиделе да дојдат до полициската станица во предградието на Хавана, со цел да ги нападнат полициските службеници и да ја оштетат инфраструктурата.
Авганистан бележи зголемено насилство
Во Авганистан пак, повторно расте насилството, откако се повлекоа меѓународните сили, а ситуацијата се влошува затоа што талибанците зазедоа низа покраини и освоија повеќе покраински престолнини.
Школуваните Авганистанци се обидуваат да ги исползуваат стипендиите и да заминат во соседните земји или во Турција, објаснува Томас Рутинг од непрофитната организација „Авганистан анализис нетворк“ сместена во Кабул, а регистрирана во Германија.

Многу други се обидуваат да дојдат до Иран и да продожат кон Турција. Во некои случаи се движат цели конвои, понекогаш следени од војската или полицијата.
Турската покраина Ван, која граничи со Иран, преполна е мигранти од Авганистан, тврди Мехмет Каратас, водач на хуманитарното здружение ИХД. Според него, секој ден границата ја преминуваат околу 1.000 мигранти.
УНХЦР предупредува на можна хуманитарна криза поради зачестените судири и зголемена напнатост во Авганистан.
Од почетокот на годината во земјата се раселени 270.000 луѓе, тврди УНХЦР.
Во неколку покраини како отпор на талибанците се формира милиција која помага на силите на безбедност. Набљудувачите стравуваат од нова граѓанска војна.
Во ЈАР се зголемува бројот загинати
Бројот на загинати во ЈАР се искачи на 72, откако насилства избија во повеќе делови од земјата по затворањето на поранешниот претседател Џејкоб Зума.
Бројот на загинати вклучува и 10 убиени во стампедо во текот на грабежот на трговскиот центар во Совето во понеделникот вечерта. Би-би-си сними како фрлаат бебе од запалена зграда во Дурбан, која гореше по грабежот на продавницата во приземјето.

Уапсени се повеќе од 1.200 луѓе
Војската е распоредена во провинциите за да ѝ помогне на полицијата која е преоптоварена откако минатата недела почнаа немирите. Полицијата соопшти дека идентификувала 12 лица за кои се сомневаат дека го иницирале бунтот, а досега уапсени се 1.234 лица.
Претседателот Сирил Рамафоса смета дека ова се едни од најлошите насилства во ЈАР од 1990-тите години наваму, пред крајот на апертхејдот. Се подметнуваат пожари, се блокираат патишта, а фирмите и магацините во помалите и поголемите градови во провинциите Квазулу-Натал и Гаутенг се ограбуваат.(Н.В.)