Сведочењето му обезбеди комотна позиција на разузнавачот


Единствено поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, со чие име се поврзуваа „бомбите“ што го срушија поранешниот режим, може да објасни што значеше неговото сведочење пред судот за случајот „Таргет-тврдина“, клучниот случај на СЈО, кој треба да го докаже масовното прислушување кое се правело во Управата за безбедност и контраразузнавање по наредба на тогашниот директор, Сашо Мијалков.

Кој ја зборува вистината, Верушевски кој тврди дека „бомбите“ т.е. документацијата не завршувале лично кај него туку во партијата СДСМ, или „свиркачот“ Ѓорѓи Лазаревски кој експлицитно тврдеше дека прислушуваните разговори што ги влечел од Управата лично му ги предавал на Верушевски.

Иако јавноста ги „судри“ двете сведочења, сепак Лазаревски реши да не ја коментира „вистината“ на Верушевски.

„Секогаш досега бев транспарентен, дури и кога сите молчеа и во иднина ветувам дека ќе бидам транспарентен“, е единствената изјава на Лазаревски. Сите други коментари за дипломатскиот исказ на Верушевски се неофицијални, но заклучокот е дека долгогодишниот разузнавач одбрал вистински зборови кои сите може да ги толкуваат на начин што им одговара.

Токму поради двосмисленоста на изјавата речиси сите се воздржуваат од официјален коментар. Обвинители што имале контакт со Верушевски велат дека од ексразузнавачот било многу тешко да се извлече нешто конкретно и дека неговите искази и во истрага биле кажани во завиена форма. Скандалозното сведочење во кое Верушевски тврди дека „бомбите“ не му биле предавани лично нему, туку биле давани во партијата, го отвора и прашањето како „свиркачите“ би биле безбедни ако цела партија знаела дека се извлекуваат прислушувани разговори од УБК, додека таму Мијалков беше неприкосновен. Логиката зборува дека нив ги спасило тоа што за оваа операција знаеле само тројцата, а не цела СДСМ. Во своето сведочење Верушевски се повикува на изјавата што ја дал за „Пуч“, случај кој беше отворен против него за шпионажа. Оние што ја виделе неговата изјава за овој случај тврдат дека и во неа Верушевски тврдел дека „бомбите“ ги земал од СДСМ и ги обработувал. Сепак, во судница Верушевски не одговори директно дали Ѓорѓи Лазаревски нему му ги предавал бомбите, а потоа тој во партијата, туку го генерализира предавањето на „бомбите“.

„Не обезбедив јас какви било разговори на лична основа. Сето тоа што се случуваше во СДСМ беше обврска да го анализирам. Не бил мој интерес ниту приватен ниту на памет ми паѓаше такво нешто. Информациите не завршуваа кај името и презимето мое, туку во партијата“, рече сведокот.

На прашањето на обвинителот дали преку него „бомбите“ завршувале во партијата, тој рече:

„Најчесто документацијата доаѓала по други структури на партијата СДСМ. Ги управував документите во одделот за безбедносна политика сè до моето лишување од слобода“, рече Верушевски.

Според нашите извори кои неофицијално го толкуваат исказот, Верушевски сака да се огради од „бомбите“ и затоа дава двосмислена изјава, за да си обезбеди комотна позиција. Во едно од своите сведочења Лазаревски го опиша Верушевски како професионалец, кој не бил конвенционален припадник на партија и човек кој работел сам.

Другиот дел од исказот, кој предизвика лавина реакции, беше делот кога Верушевски кажа дека до неговото апсење тој го знаел точниот обем на документацијата, но потоа изгубил контрола.

„Факт е дека таа документација доживеа стравотни модификации и компромитирања. Зборувам по моето лишување од слобода“, рече Верушевски. Оваа негова изјава дел од осомничените во случаите на Специјалното јавно обвинителство ја протолкуваа како потврда на нивните тврдења дека „бомбите“ биле сечени, лепени и монтирани.

Поранешната обвинителка во СЈО, Фатиме Фетаи, која сè уште води дел од случаите што ги отвори ова обвинителство, тврди дека исказот на Верушевски нема да влијае ниту на автентичноста на материјалите и нема да ги искомпромитира постапките што ги водат. Таа тврди дека досега автентичноста на „бомбите“ никој не го оспорил во судница.

„Пред да почнеме со нормално функционирање, имаше само некои изјави на ТВ дека материјалите се сечени, лепени и монтирани, меѓутоа никој досега не го кажал тоа во судница. Од друга страна, се работи за материјали, докази кои не се изолирани докази во нашата постапки. Тие си наоѓаат поткрепа и во материјални и во вербални докази и сето тоа ја потврдува нивната автентичност“, рече Фетаи.

Таа го повика Верушевски да се дообјасни што сакал да каже со своето сведочење.

„Се работи за исказ кој сè уште не е довршен. Верушевски минатиот пат беше испрашуван директно само од страна на обвинителството, па допрва следува негово вкрстено испрашување од одбраната. На крај, судот си има право да поставува прашања од појаснувачки карактер“, рече Фетаи.

Исказот на Верушевски доаѓа во време кога партиите се договараат и никако не можат да се договорат за законот за јавно обвинителство, Специјалното јавно обвинителство е уништено, а главната обвинителка е во притвор. Изјавите на Верушевски не беа вака двосмислени кога нему му се судеше во случајот „Пуч“ и кога на новинарите им даваше соопштенија од она што го кажал во судница, дека не го признава судот кога му се судеше заедно со премиерот Зоран Заев. Верушевски сè уште е советник во владата на Заев и ја води комисијата за внатрешни работи во СДСМ.

Следното рочиште е на 10 октомври и тогаш се очекува да стане појасно што сакал да каже Верушевски.

Фросина Факова-Серафиновиќ