Судот дозволи администрацијата на Трамп привремено да продолжи со наплатата на царината од 10 проценти


Американски апелациски суд донесе пресуда со која засега и се дозволува на администрацијата на претседателот Доналд Трамп да продолжи со наплатата на десетпроцентна царина на глобалниот увоз.

Апелацискиот суд надлежен за Федералниот округ – Вашингтон оцени дека федералната влада доставила доволно аргументи за да има изгледи за успех во спорот.

Од 24 февруари 2026 година САД воведоа царина од десет проценти за поголемиот дел од увозот од странство. Трамп ја воведе таа мерка откако Врховниот суд на САД претходно прогласи за незаконски голем дел од царините воведени од неговата админстрација.

Претседателот потоа се повика на вонредно решение, користејќи одредби од трговски закон од 1974 година што дозволува наплата на такви давачки во период не подолг од 150 дена.

Во почетокот на мај, Судот за меѓународна трговија во Њујорк оцени дека Трамп ги пречекорил своите овластувања со привремената царина од десет проценти, наведувајќи дека погрешно го толкувал законот на кој се повикал.

Неколку дена подоцна, Апелацискиот суд привремено ја стопираше примената на таа пресуда, а сега ја потврди таа одлука.

Меѓу тужителите се сојузната држава Вашингтон и две компании.

„Иако сите страни изнесоа убедливи аргументи, заклучивме дека федералната влада најверојатно би претрпела ненадоместлива штета доколку не се одобри одложување на пресудата“, се наведува во одлуката на Судот.

Предметот би можел да заврши пред Врховниот суд на САД.