Стоби најпривлечен за Американците – и за донации и за посетители (репортажа)
Сакаме да го претвориме Стоби во место каде што патниците ќе сакаат да запрат, да го запознаат нашето богато наследство и да го доживеат вистинскиот дух на античкиот свет - истакна денес Љутков на средбата со странските донатори на археолошкиот локалитет
Возењето по патот од Скопје до најпознатиот римски археолошки локалитет во Македонија – античкиот град Стоби е пријатно, пред да фатат летните горештини. Во лето е неиздржливо и за посетителите, за одомаќените кучиња, и за тие навидум мртви камења но и прекрасни мозаици кои го прават едно од најзначајните културни богатства кај нас и на Медитеранот, предизвик и за археолозите, за државата и за странските донатори.

Лоциран, на само стотина километри јужно од Скопје, на устието на Црна Река во Вардар, блиску до малото место со необично име, Паликура, со одлична местоположба, речиси научно одбрана, Стоби деновиве, освен за посетителите, е актуелен за претставниците на странски организации кои во изминатите неколку години донираа финансиски средства за конзервација на Теодосијанската палата во Стоби. Тие ќе извршат увид во реализираните активности, а на денешната средба со министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во присуство на поканетите медиуми од Министерството за култура, разговараа за продолжување на соработката и можностите за нови донации и грантови. Целта е довршување на работите на Теодосијанската палата и нејзина соодветна туристичка презентација, како и обезбедување средства за заштита и презентација на други објекти на археолошкиот локалитет Стоби.

На средбата беа присутни Вил Рејнолдс, претставник на Џ. М. Каплан фонд, со седиште во Њујорк, САД д-р Дариус А. Арја, директор на Американскиот институт за римска култура, со седиште во Рим, Италија , Жан-Мари Тевтонико, поранешна директорка на Конзерваторскиот институт Гети, со седиште во Лос Анџелес, САД, д-р Дејвид Карингтон, конзерватор за архитектонско наследство од Велика Британија, Иван Василев, извршен директор на фондацијата Балканско наследство, Бугарија, д-р Ангела Пенчева, програмски директор на фондацијата Балканско наследство, Бугарија и нашиот домаќин, д-р Силвана Блажевска, директор на НУ Стоби.

Американците донираа 500 илјади американски долари
Во соработка со долгогодишните партнери – фондацијата Балканско наследство, НУ Стоби реализираше донација од Џ. М. Каплан фонд во висина од 400.000 американски долари. Од нив, 100.000 долари беа наменети за изработка на Генерален план за конзервација на Стоби, а останатите 300.000 долари за конзервација на архитектонските остатоци и мозаичните подови на Теодосијанската палата – еден од најрепрезентативните резиденцијални објекти на локалитетот со извонредни мозаични подови.

Минатата година конзерваторските работи на палатата продолжија со грант од Американскиот институт за римска култура во висина од 100.000 американски долари.
„Стоби“ во 2026 доби од државата една третина повеќе од ланските 6,1 милион денари
Министерството за култура и туризам годинава учествува во финансирањето на Годишната програма за работа на НУ Стоби со вкупна сума од 8.600.000 денари за седум проекти од областа на заштитата на културното наследство, 900.000 денари за четири проекти од областа на музејската дејност и 900.000 денари за набавка на опрема за конзерваторска лабораторија.
Првиот и еден од најзначајните е продолжувањето со конзервација, реставрација, реконструкција и археолошко доистражување на објектот Римски театар во Стоби.
Втор, исто така, голем проект е конзервација, реставрација и археолошки доистражувања на Градбата со арки или позната како библиотеката во Стоби. Третиот значаен проект на кој археолозите ќе работат годинава е конзервација и доистражување на архитектонските остатоци од Резиденцијален и комерцијален кварт од рановизантиско Стоби и четвртиот – конзерваторско-реставраторски работи и археолошки доистражувања на Северозападниот бедем во Стоби – фаза 1.

Како и секоја година, одобрени се средства и за тековно одржување и партерно уредување на археолошкиот локалитет Стоби. Годинава ќе се работи и на основен проект за конзервација, реставрација, конструктивно зајакнување на објект Стара железничка станица и негова адаптација во Центар за посетители Археолошки локалитет Стоби – фаза партерно и внатрешно уредување.

Љутков: Стоби не е само археолошки локалитет, туку е и стратешка точка за развој на транзитен туризам
„Археолошкиот локалитет Стоби претставува едно од најзначајните културни богатства на Република Северна Македонија и важен столб на нашиот културен идентитет – изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков при денешната посета на локалитетот.
Тој нагласи дека државата континуирано ја поддржува Националната установа Стоби обезбедувајќи значителни буџетски средства за заштита, конзервација и презентација на овој уникатен археолошки комплекс.
– Оваа година Министерството за култура и туризам учествува во финансирањето на годишната програма на НУ Стоби со вкупно над 10 милиони денари, со што директно ги поддржуваме археолошките истражувања, конзерваторските работи и особено проектот за адаптација на Старата железничка станица во современ центар за посетители, кој треба да биде отворен во септември – истакна министерот Љутков.

Стоби, како што посочи Љутков, не е само археолошки локалитет, туку е и стратешка точка за развој на транзитен туризам, особено поради неговата близина до автопатот Е-75, што го прави идеална дестинација за илјадници патници што минуваат низ нашата земја.
– Со отворањето на новиот центар за посетители и подобрувањето на услугите за туристите ние сакаме да го претвориме Стоби во место каде што патниците ќе сакаат да запрат, да го запознаат нашето богато наследство и да го доживеат вистинскиот дух на античкиот свет – истакна Љутков.

Министерот истакна дека потенцијалот на Стоби е препознаен и од меѓународни организации и фондации од САД, Италија и Бугарија. Донациите пристигнуваат од „Џ. М. Каплан фонд“, како и од Американскиот институт за римска култура, во соработка со фондацијата „Балканско наследство“ и НУ Стоби, покажуваат дека станува збор за локалитет од меѓународно значење, чија вредност ги надминува границите на нашата држава.
– Денешната работна средба е потврда дека заедно државата, институциите и нашите странски партнери можеме да го зачуваме и да го направиме уште попристапен и поатрактивен овој дел од нашата историја – рече Љутков.
Тој додаде дека ќе продолжат активностите за подобра туристичка презентација и заштита на локалитетот со цел Стоби да остане гордост за сегашните и идните генерации.

Како што информира директорката на установата, археологот д-р Силвана Блажевска, годинава во археолошкиот локалитет Стоби ќе се работи на конзервација и истражување на многу значајни проекти, како што е Театарот и Градбата со арки позната како библиотеката во Стоби, а ќе се работи и на конзервација и доистражување на архитектонските остатоци од Резиденцијален и комерцијален кварт од рановизантиско Стоби. Во зависност од временските услови, работите треба да почнат до крајот на април.
Стоби има сѐ што го немаат други локалитети
Да се посети Стоби , значи да се доживее историјата, да се има средба со минатото на оваа територија, средба со стара цивилизација и култура, видливо присутни преку редовните ископувања и работењето на реставраторите на самиот терен.
Стоби првпат се споменува некаде околу 2 век пр. н.е. по повод победата на Филип Петти, кралот на Македонија, над Дарданците. Денес е единствениот археолошки локалитет во Македонија кој функционира како самостојна национална институција.
При самиот влез во оградената, заштитена зона на Стоби, посетителот добива силен впечаток од огромната арена, построена некаде во 2-3 век од новата ера, значи малку подоцна. Официјално градбата е наречена театар, што всушност и навистина бил, огромен, со прекрасна акустика, за повремено да биде и арена за борба на гладијатори и борба со животни. Веднаш зад него е огромната базилика со прекрасните мозаици, а до нив, онака како што се гради и сега, е крстилницата, насликана со мозаици на пауни и елени, животни што за тогашните жители, а и за нас сега имаат мистично значење.

Стоби има сѐ, го има и она што го немаат многу денешни населби. Има библиотека, која била и запалена, има цистерна за вода за да се гасат евентуалните пожари, има палати во кои отседнувале императори, има голем број мали простории, кои биле работилници за производство на тековните, секојдневни потреби на населението. Хигиената била на завидно ниво, чешма среде градот, вода за пиење и капење во сите големи куќи, палати, синагога, машка голема бања, женска помала бања, градски гробишта и други погодности.
Интересно е дека имало и коцкарница, вистинско казино, зачувано до денес, а најдени се и коцкичките за играње. Стоби имал главна улица, голема порта, помала улица и низа други „градски“ решенија, кои личат на денешните современи приоди во градската урбанистика. Изобилството најдени монети од сите периоди меѓу 2 век пр. н.е. и 6 век од н.е. говори за богатиот и разновиден живот на местото и населението.
Градот почнал да пропаѓа од 5 век, кога бил разрушен од Хуните, за потоа да го запалат и Остроготите на Теодорих, за конечно да пропадне во 6 век од н.е. со нападите на Словените и Аварите. Преживеал и земјотрес, а последиците од разрушувањето се видливи и денес. Останала само величествената Епископска базилика.
Стоби најпосетен од странски туристи
Археолошкиот локалитет Стоби лани го посетиле над 13.100 посетители, од нив најбројни се странските туристи од САД, Австралија, Полска, Австрија, Швајцарија, како и од земјите од регионот – Албанија, Бугарија, Грција, Србија, Хрватска, Словенија.
Од НУ „Стоби“ информираат дека археолошкиот локалитет го посетуваат и домашни гости, но, како што велат, тие се во помал број. Најбројни посетители од земјава, посочуваат оттаму, се ученици кои доаѓаат организирано на екскурзии, како и студенти и останати посетители од невладини организации и здруженија.
Стоби во 2024 го посетиле околу 20.000 посетители. Во 2023 година, пак, во археолошкиот локалитет Стоби имало 20.556 посетители, додека најголем број забележан е во 2018 година, кога имало рекордни 22.000 посети.

Како што појаснуваат туристичките водичи на Стоби, најинтересни за посетителите се Театарот, Теодисијанската палата, градбата со арки или библиотеката, синагогата, понатаму, велат, интересни се јавните бањи, неколкуте цркви, меѓу кои и големата Епископска базилика со крстилницата и многуте улици, а привлечни се, исто така, и подните мозаици со пауни, срни и други библиски мотиви.
Посетата на археолошкиот локалитет е бесплатна првиот викенд во месецот, како и за време на државни празници. Од НУ „Стоби“ ги повикуваат сите заинтересирани да дојдат и да ја запознаат богатата историја на Стоби, на чии остатоци од градби се воодушевуваат и археолозите и посетителите од целиот свет, особено државјаните на САД, кои се најчести странски посетители на Стоби.

Посетителите за разлика од порано, сега можат да си купат интересни сувенири од сувенирницата сместена на влезот во Стоби во објект на билетарата. Таа има голем избор на рачно изработени сувенири, направени по копии од предмети најдени на локалитетот.
Воедно на влезот повторно има и мала кафетерија во која има освежителни напивки, сокови, вода и кафе. На одамна поставените клупи со масички на отворено посетителите имаат можност да седнат да се одморат, освежат и разменат впечатоци од посетата на Стоби.