Ставот на пензионерот Црвенковски


ГОРАН АДАМОВСКИ

Поранешниот премиер и претседател Бранко Црвенковски е принципиелен човек. И сега, кога разузнавачот Зоран Верушевски јавно вели дека „бомбите“ од прислушуваните разговори му биле предадени на тогашниот лидер на СДСМ, а потоа биле „модифицирани“, тој се држи на ставот да не коментира ништо. Едноставно, не дава изјава за медиумите на која било тема. Така одлучил, наше е да почитуваме.

Штета, оти јавноста сигурно ќе сакаше да слушне зошто тој, додека бил лидер на СДСМ, не ги објавил прислушуваните разговори во кои се компромитира тогашната власт? Дали немал храброст, се двоумел да не се „сечени, лепени и монтирани“ или проценил оти нема да предизвикаат политички земјотрес? Дали, на крајот на краиштата, е точно тоа што го тврди Верушевски, кој се огради од „бомбите“ на судењето за „Таргет-Тврдина“?

Па, ако веќе продолжи да зборува, би било убаво да каже што мисли за мандатот на Специјалното јавното обвинителство, притворот на Катица Јанева, преговорите за законот за обвинителство, леснотијата на постоењето на ДУИ, кадровските промени во СДСМ, бегството на Никола Груевски, политиките на Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ… Има тука уште интересни прашања, особено ако копаме во минатото.

Но, ете, Црвенковски избира да молчи. Откако е пензиониран претседател, а тоа се веќе шест години, тој многу ретко излегува во јавноста за да зборува за политика. Последен пат во јуни годинава кога зборуваше на регионалната конференција „Проширувањето на ЕУ на крстопат“ што се одржа во Скопје. Тогаш јасно порача дека доколку сега не добиеме датум за преговори, тоа за него ќе биде доказ за отсуство на лидерство и визија во Брисел за иднината на Западен Балкан. Дополни дека со Преспанскиот договор се елиминираше најголемата пречка во процесот на нашето евроатлантско интегрирање. Самата промена на уставното име и тоа за севкупна употреба беше болна и драматична за голем број наши граѓани, што се потврди и при референдумското изјаснување, поради што сега ред е да ја добиеме заслужената награда во облик на датум за преговори за членство во Унијата. На крајот, констатира дека ние од овој регион, честопати не сме подготвени ниту, пак, имаме волја да спроведуваме сериозни и болни реформи ако не сме изложени на сериозен притисок од надвор.

Интересно, Црвенковски при истиот говор вели дека да се биде поранешен претседател или премиер значи да се говори во свое лично име, а не во име на официјалната власт во државата, но тоа не ја намалува одговорноста, туку ја зголемува слободата во искажувањето на сопствените ставови.

Сепак, слободата во искажувањето на сопствените ставови ја практикува многу ретко. И тоа можеби би било во ред доколку експретседателот се вратеше на своето претходно работно место, најдеше друга професија или се отселеше во странство. Со еден збор, да се повлече од јавниот живот и од политиката.

Ама, во неговиот случај има една цака. Тој ги користи бенефициите од спорниот закон со кој поранешните претседатели имаат право да користат доживотна пензија, како и канцеларија, соработници, обезбедување. Тие му ги плаќа државата, односно секој од нас преку буџетот. За него и за Ѓорѓе Иванов издвојуваме 300.000 евра годишно. Токму затоа, тој не може целосно да се дистанцира од случувањата во општеството. Црвенковски е една од најважните политички фигури од осамостојувањето на земјата и затоа неговите размислувања предизвикуваат интерес во јавноста.

Сигурно дека нему му е дојдено преку глава да биде „крив“ за сè лошо во државава, почнувајќи од криминалната приватизација, до тоа што фудбалската репрезентација никогаш не се пласирала на некое големо натпреварување. Но пензионерот Црвенковски не смее да се однесува како никогаш да не се запознал со политичарот Црвенковски.