Средната класа му пресуди на Ципрас


НАНО РУЖИН

Во дипломатијата постои едно свето правило кое гласи: „Дипломатијата е уметност која служи за да се кажат најгрдите работи на најелегантен начин“. Како да се протолкува на најелегантен начин поразот на Алексис Ципрас без да се злоупотреби дипломатијата? Во регионот голем број дипломати, аналитичари и граѓани се убедени дека Алексис Ципрас ги загубил парламентарните избори во Грција поради потпишувањето на Преспанскиот договор. Не сме преторијанци да посегнуваме по аргументите на мускулите, но таквата констатација во најмала рака бара корекции и објаснувања. Познато е дека историскиот преспански настан кај дел од македонската и грчката политичка и интелектуална елита ги скрши старите националистички арматури и како депуратив ги исфрли на површина потиснатите и диви и антиевропски комплекси. Политичарите од Златна зора и Нова демократија до ВМРО-ДПМНЕ ја отпочнаа обработката на наивната толпа. За апсурдот да биде поголем, и едните и другите во 2005 година, како што објавува грчкиот магазин „Документо“, биле подготвени на компромис. Впрочем, најголемите противници на Преспанскиот договор, Златна зора, не успееја да го поминат цензусот за место во парламентот. Ова е само првиот параметар дека договорот Заев-Ципрас не бил толку релевантен во поразот на Сириза. Тогаш кои се главните причини за неуспехот?

Облечен во амблематичната бела кошула и со црвена роза во рацете, Алексис Ципрас на седми јули наутро дојде да го даде својот глас на избирачкото место во популарниот атински кварт Кипсели каде што живее со децении. Тој одбиваше уште од 2015, кога победи неговата Сириза, да се пресели во раскошните одаи кои му следуваат на секој претседател на владата во Грција. Неговите 35 отсто освоени гласови од 2015 ја урнаа дотогашната биполарната партократија на Нова Демократија и ПАСОК. Меѓутоа, четири години подоцна, поразот на луцидниот и атипичен лидер Ципрас остава горчлив вкус не само меѓу неговите сопартијци и симпатизери туку и овде во Северна Македонија помеѓу сите оние што го следеа неговиот политички раст, позитивен дух и успех.

До последниот момент, најмладиот шеф на владата на Грција, кој набргу ќе наполни 45 години, настојуваше да ги мобилизира бирачите на левицата ветувајќи им можност за една анатропија, верувајќи во чудесниот пресврт на сондажите кои со месеци му даваа значителна предност на неговиот ривал, Киријакос Мицотакис. Залудно Ципрас ги храбреше дека добрите идеи не застаруваат туку имаат иднина и порачуваше „во недела ке гласаме за нашите животи… доколку се вратат конзервативците ќе нè снајде нов бран социјална регресија“.

Кога постепено се сведуваат импресиите многу симпатизери на Ципрас, го поставија хипотетичкото прашање: „Дали лидерот на Сириза не водел десничарска политика?“ Да се потсетиме дека тој беше избран во 2015 година врз основа на ветувањата дека ќе ја надмине политиката на „строгоста и тешките реформи“ на кои беше изложена Грција по тешката економска и социјална криза. Шест месеци подоцна, тој ја загуби битката против доверителите претставени од страна на европската тројка. Цинизмот на грчките популисти кон строгите Европејци навистина беше претеран, но тие не му дадоа ниту еден подарок на човекот без вратоврска. Напротив, го принудија да прифати уште построга политика на штедење, реформи и ниски плати кон сопствениот народ, што значеше политичко самоубиство на долг рок. Ципрас едвај успеа да се анкерира врз „новиот план за спасот од банкрот“. Неговата влада беше уценета да се задолжи наводно „за спас на Грција“, а во суштина ефектите на ова задолжување повеќе ги збогатија доверителите и акционерите. Облигациите од новите задолжувања на Грција им овозможија највисоки перформанси на доверителите во целата еврозона со огромна заработка од 23 проценти. Висината на задолжувањата достигна фантастични 180 отсто од БНП, иако за утеха на нашите јужни соседи, државата официјално излезе од синџирот „планови за спас“ во август 2018. Меѓутоа, државата остана под будно око на доверителите, кои ја ставија Атина под нивното туторство до 2060 година.

Во август 2018 година Грција конечно ги напушти концентричните кругови на „политиката на спасот“, а премиерот Ципрас овој чин го објави како „голема историска победа“. Тој истакна дека благодарение на неговата политика, буџетот достигнал рекорден вишок од 3,5 отсто (над очекувањата на доверителите – ЕУ, ММФ и Централната европска банка). Во реалноста, како што констатира аналитичарот Јоргос Сеферзис, „Ципрас навистина триумфираше, но Грците не сфатија зошто тој настојуваше да оди по секоја цена над очекувањата на доверителите, иако ‘вишокот’ беше добиен од ексесивното оданочување на средните класи, кои се најдоа во уште потешка положба отколку пред 2015 година“.

Сириза, согласно сопствената идеологија се потруди да ги заштити социјалните права на најзагрозените, иако и натаму 35 отсто од Грците продолжија да живеат под прагот на сиромаштијата. Меѓутоа, токму средната класа која ја плати сметката на строгите реформи, останаа тивки и не иницираа големи социјални протести. Овој молк целосно го неутрализира Ципрас кој не успеа го почувствува незадоволството на народот. Големиот пораз на партијата на Ципрас на европските и локалните избори кон крајот на мај што доведе до предвремени парламентарни избори, укажа на големата непопуларност на Сириза во јавното мислење во Грција. Ципрас одигра ризична партија покер со распишувањето на предвремените за 7 јули оваа година. До последен момент се надеваше дека ќе направи пресврт во јавното мислење, но овој пат згреши.

Во целиот реформски период, Ципрас беше соочен со силна хистерија на медиумите и довчерашните сојузници оркестрирана од страна на Нова демократија. Се бараше каква било причина да се оспори неговиот државнички талент. Таков беше и случајот и со Преспанскиот договор. Се критикуваше за да се критикува, иако Мицотакис длабоко во себе беше среќен што конечно се реши проблемот со Северна Македонија без никаква штета по неговиот рејтинг. Хистеријата против Ципрас почна да наликува на нашата домашна анти-Заев хистерија, како од страна на оние што му беа наклонети и блиски, така и од страна на опозицијата. Ципрас иницира и закон за натурализација на децата на мигрантите и одредени заштитни мерки.

Во предвечерјето на изборите, Ципрас ги потсети Грците: „Јас сум единствениот грчки лидер кој не се збогати ниту, пак, мојата партија беше вовлечена во некој коруптивен скандал“. На приватната телевизија Скај, Мицотакис слично на Груевски одби да настапи во телевизискиот дуел, но затоа Ципрас се соочи со двајца новинари кои отворено го подржуваа неговиот опонент Мицотакис. И тогаш изрази надежи дека „новиот мандат ќе му овозможи конечно да ги интензивира социјалните реформи, со кои ќе ја подобри позицијата на средната класа“. Резултатите од 7 јули покажаа дека независно од добрите намери, тој задоцнил зад барањата на Грците. Беше притиснат од страна на доверителите да практикува либерална политика, далеку од неговите идеолошки ориентири, и затоа е разбирливо што грчката левица ја доживеа судбината на останатата европска левица. Уште еднаш се покажа дека при одлучувањето на гласачките места, решава празниот стомак и социјалниот револт на избирачите, а не дипломатијата или договорот од Преспа.