Средба Радев – Азески во Софија


Денес во Софија, Република Бугарија се одржува „The Economist Business Summit“, кој ги собра заедно политичките и бизнис лидерите од Бугарија и од регионот. Се разговара на глобални и регионални теми како: глобалната геополитичка состојба, енергијата и зелената транзиција, вештачката интелигенција, информатичката технологија и приоритетите на Р. Бугарија за 2025 година.

На настанот се обратија претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој официјално го отвори Самитот, како и премиерот Росен Желјазков.

На настанот присуствуваше и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески кој оствари средба со претседателот Радев. Заедно се договорија да организираат средби на македонски и на бугарски бизнисмени во текот на месецов, исклучиво на теми поврзани со инфраструктурата, зголемување на трговската размена и отстранување на сите бариери кои ја попречуваат соработката меѓу двете земји, соопштија од Стопанската комора.

За таа цел претседателот Азески ќе одржи одделни средби со премиерот Желјазков и со вицепремиерот и министер за транспорт на Бугарија, Гроздан Караџов, се наведува во соопштението до медиумите.