Срце „спартанско“


САШКО Ѓ. ДИМОВСКИ

Македонија е бум во европската одбојка. Отпишаните запишаа две победи во дебитантското учество на континенталните шампионати и ги активираа автомобилските сирени, петарди и вувузели во земјата. По поразите од Финска, Турција и од Русија, како феникс се издигнаа од пепелта. Победи срцето „спартанско“, победи мотивот, победи желбата за докажување дека невозможното е можно, за самопромоција, но и на државата. И без оглед на исходот, дали ќе бидат осминафиналисти или до крај на работната недела ќе се вратат дома, тие се надминаа себеси, ги натфрлија очекувањата на јавноста која без помпа ги испрати во Словенија и заслужено блеснаа под светлата на рефлекторите на јавната сцена.

Ако до вчера беа во сенка на фудбалерите, кошаркарите и на ракометарите, за одбојкарите дознаа сите преку ноќ. Освен најпознатиот меѓу нив, Никола Ѓорѓиев, по Љубљана ќе останат на површина и Александар Љафтов, Владо Милев, Ристо Николов, Филип Деспотовски, Филип Маџунков и останатите во ростерот кои трпеливо чекаа шанса во „Стожице“ и ќе чекаат во иднина. Како нераскинлива алка во синџирот се претстави и Никола Матијашевиќ, кој немаше голем избор пред подготовките за историското деби на македонската одбојка по прогласената независност во 1991 година. Го покани и го собра провереното и најдоброто од лимитираниот излог, несебично се внесе во храбро прифатениот ангажман, тивко ја хомогенизира средината и го трасира патот за проблесок на ЕП.

На македонските одбојкари не може ништо да им се забележи. Како дебитанти го извлекоа максимумот. Против Финска, веројатно, грчот ги спречи да освојат повеќе од еден сет, иако имаа шанси. Страсната желба за победа ги совлада и против Турција, европскиот шампион Русија едноставно беше пресилен, меѓутоа и со „зборнаја“ одиграа сет на разлика. И по нив дојде Белорусија и решеноста да одат на сè или ништо, а акумулираниот адреналин ги држеше и против Словенија за молк на исполнетиот капацитет во љубљанската арена.

Капитенот Никола Ѓорѓиев е основен двигател на тимот и продолжена рака на Матијашевиќ на терен. Задоволство за очи и срце беше да се гледа како ги бодри своите соиграчи на терен при секој освоен поен, во моменти на негатива меѓутоа и при водство. Со своите прослави ја анимира публиката која, пак, не остануваше рамнодушна и возвраќаше со поддршка. И да сакаше, поинаку не можеше. Ривалите против него ретко наоѓаат игра освен ако тој нема ден. Па, и така без десетина до 15 поени не е. Против него не игра ниту двоен ниту троен блок. За еден на еден да не говориме. Со интелект наместо на сила, Ѓорѓиев наоѓаше пукнатина и кога ќе наидеше на ѕид на мрежа и ќе распалеше или по паралела или по дијагонала.

Македонската одбојкарска репрезентација, сепак, е материјал и за филмско сценарио. Спортот, чиј синоним во земјата е Владимир Богоевски и е со голема традиција, е девалвиран во последните 30-ина и повеќе години. Клупската сцена во машка конкуренција е аматерска и вистинско чудо е како се исфрлени и овие 15-ина одбојкари со репрезентативен калибар во моментот. За женската да не говориме. По излезот на Кометал од Студент и на Фершпед од Работнички пред повеќе од десетина години, интересот е опаднат до најниски гранки. Освен локална борба за шампионска титула, глобално не се размислува. Со години нема македонски претставник во европските купови и како стојат работите, сликата нема да се промени и во годините што доаѓаат. Репрезентацијата, пак, се одржува на стаклени нозе. Во минатото често се соочуваше со проблеми со сала, на едно од патувањата тргна со автобус што се расипа во Србија. А, некогаш одбојката беше престижен спорт во Македонија со шампион на федеративно ниво (Вардар), имаше сојузни репрезентативци додека Скопје беше домаќин и на група на ЕП 1976 за чија цел се подигна и СРЦ „Кале“.