Според Битиќи можни се нови мерки за поддршка на угостителите

Доколку е потребно ќе донесеме нови мерки за поддршка на угостителите и граѓаните заради воведувањето на последните рестриктивни мерки за посета на угостителските објекти и затворените трговските центри, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
-Како секогаш ги следиме донесените рестриктивни мерки и доколку заеднички одлучиме дека финансиските импликации се толку големи што бараат одредена поддршка, ќе седнеме и ќе разговараме. Секако мерките ќе бидат за тие кои се најмногу погодени, рече Битиќи во одговор на прашање дали Владата размислува за некоја нова мерка за поддршка на угостителите и граѓаните заради неодамна донесените рестриктивни мерки.Посочи дека воведените рестриктивни мерки се привремени.
-Да се надеваме дека здравствените бројки ќе укажат дека полека ќе можеме да се вратиме во нормалниот живот, а ако тоа не е возможно и досега сме докажале дека носиме мерки за стопанството кога е тоа потребно, потенцира Битиќи.
Според него, препораката на Комисијата за заразни болести беше единствен критериум за вчерашната одлука на Владата да дозволи угостителските објекти повторно да можат да работат во затворените простори со 30 отсто од капацитетите.
-Искрено не можам да кажам која е епидемиолошката причина зошто тоа се дозволи, но тоа беше препорака од Комисијата за заразни болести и така се постапи, рече Битиќи. „Сметам, нагласи, дека во одреден период требаше да има многу порестриктивни мерки и додаде дека според Комисијата за зарасни болести сега најверојатно сме стигнати до пикот на четвртиот брана на Ковид-19 и бројките не би требало да одат нагоре“.
Нагласи дека ќе биде првиот што ќе поддржи лицата кои прележале Ковид-19 пред шест месеци да можат да ги посетуваат угостителските објекти во моментот кога Комисијата за заразни болести ќе каже дека тоа е возможно.
Прашан дали Владата со последните одлуки сака да покаже дека нема да бидат опасни по здравјето на граѓаните претстојниот попис и локални избори, Битиќи рече дека мисли дека не е така.
-Мислам дека не затоа што гледаме дека бројот на вакцинирани секојдневно расте и дека во овој момент има над 650 илјади вакцинирани, над 500 илјади се вакцинирани со две дози, а бројот на оние со една доза секојдневно расте. Тоа значи дека во суштина сакаме да укажеме дека спасот од Ковид-19 е вакцинирањето и колективниот имунитет кој ќе се постигне со тоа. Носењето маски, држењето дистанца, одржувањето на лична хигиена плус вакцинирањето е доволен доказ дека секоја операција е безбедна по здравјето на граѓаните, истакна Битиќи
Вакцинирањето, посочи, не е задолжително и е на доброволна основа и претставува лична одлука на попишувачите.
-Мислам дека повеќето од попишувачите ќе бидат вакцинирани, а државата и Државниот завод за статистика ќе осигураат да бидат безбедни сите кои ќе ги посетуваат домовите. И во моментов не знаеме дали некој е вакциниран, но доколку носиме заштитна маска сигурни сме во нашата комуникација, рече Битиќи и нагласи дека на Влада засега немало дискусија дали да се одложат пописот и локалните избори доколку бројките на заболени растат.