Споменикоманија во Србија: Вучиќ ќе има поголем споменик од Груевски


Среде главниот град на Србија наскоро ќе никне најголемиот споменик на Балканот. За српските власти споменикот на Стефан Немања е историски долг. За критичарите, тоа е монументализам ослободен од естетика како во Скопје

„Тоа ќе биде најголемиот споменик на Балканот“, гордо раскажува за весникот Зидојче цајтунг, Олег Нашкарјов. Тој е атомски инженер од Москва, задолжен за изградба на споменикот на Стефан Немања во Белград. Целиот споменик ќе тежи 80 тони, од кои само бронзената статуа на српскиот херој- 58 тони. Ќе се издигнува 26 метри во небото од Савскиот плоштад (Савски Трг), кој дополнително се пошумува со 250 дрвја. Планирано е изградбата на целиот постамент да заврши уште во ноември, а планот на српскиот претседател Александар Вучиќ е да го открие споменикот пред Нова година.
„Овој споменик е потсетник на основачот на најголемата српска династија во Средниот век“, вели за Зидојче цајтунг, заменикот-градоначалник на Белград Горан Весиќ, и главен контролор на проектот.
Но, најголемиот споменик на Балканот, е и еден од најоспоруваните.
„Не сум против споменик на Стефан Немања- но сум против еден преголем монумент, кој не одговара на историскиот контекст на овој дел и на ова место е гротескен“, вели Добрица Веселиновиќ од граѓанската група „Не го даваме Белград“. Споменикот раскажува една националистичка верзија на Србија, критикува тој.

Заменик-градоначалникот Весиќ ги отфрла критиките.
„Човек може да каже дека и Ајфеловата кула или Статуата на слободата се преголеми. Ова е голем плоштад, и потребен му е голем споменик“.
„Жестоки критики за проектот“, пишува понатаму Зидојче цајтунг, „се слушаат и од експертите, како претседателот на белградската Архитектонска академија или од претседателот на Здружението за заштита на споменици.
„Во времето на Југославија, Белград негуваше извонреден, модерен урбанизам и јавна архитектура“, вели Милена Драгиќевиќ Шешиќ, професорка по Културна политика на белградскиот Универзитет на уметноста. „Дури ни Тито не си дозволуваше да подигнува огромни споменици. А познатата скулптура, која беше поставена по повод првата средба на блокот на Неврзаните во Белград во 1961 година, е еден едноставен обелиск, а не тешка и монументална скулптура“.

Линк до целиот текст на Дојче веле тука