Советникот Усеини му објасни на УНЕСКО


ГОРАН АДАМОВСКИ

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, да се префрли во Владата и да стане министер за финансии, а на нејзиното место да седне Фатмир Бесими.

Ова, според медиумите на албански јазик, е најновиот услов што интергративците на Али Ахмети му го поставиле на премиерот Зоран Заев за да продолжи соработката меѓу двете партии. И да не е точно, тоа воопшто не ја менува целокупната слика за начинот на кој во ДУИ ја поимаат политиката кога се на власт. Што значи секогаш.

Сопствените интереси се на првото место и најтрагичното е што тие воопшто не се срамат или трудат да го докажат спротивното. Погледнете го примерот во Охрид. Советникот Неби Усеини свечено си ја отвори пицеријата за која има решение дека е нелегална и во заштитеното градско подрачје. Внимавајте, го прави тоа само неколку дена откако УНЕСКО ни даде последна шанса до февруари да урнеме над 400 дивоградби за да не му биде одземен специјалниот статус на Охрид за заштитено подрачје.

За да биде дрскоста поголема, го викна сопартиецот Рамиз Мерко, градоначалник на Струга да му ја пресече црвената лента. Мерко го обвинуваат дека шурува со градежната мафија во својот град. Автомобилот „ауди А6“ вреден 70.000 евра што го купи со парите од општините со „каење“ што купил полуксузно возило, изгледа дека е најтранспарентниот бизнис во бисерите на Охридското Езеро.

Зачудувачка е безобразноста на пораките што се испраќаат со тој потег и смеењето во лице на јавноста, која сосема оправдано вреска на неправдите. И немаат врска со нивната етничка припадност, како што сака лажно да наметне Мерко во видеопораката што си ја објави самиот. Патетично звучат и неговите зборови оти дошол кај Усеини како кај стар пријател. Но, да – во право е кога прашува каде беше гневот на јавноста досега?

Локалните шерифи не се патентиран производ на ДУИ, напротив, секоја поголема партија има свои „маалски моќници“, кои ги одработуваат валканите работи, а за возврат стануваат недопирливи. Бадијала се ветувањата што ги даваше премиерот дека нивната ера завршила. Ниту е завршена ниту ќе заврши утре, под некоја друга власт.

Проблемот е многу поголем и подлабок отколку што изгледа едно „пицерииче“, па макар и во центарот на еден туристички град како Охрид. Годините и децениите потрошени во малограѓанштина не можат да се изменат со ниту една покана за друштво во елитните европски и светски клубови. Особено кога и шефовите на локалните моќници играат маалски и со „иле“. Под превезот на големата политика, подметнуваат груби фаули, а мислат дека се ситни.

Кај ДУИ има уште една крупна работа: незаменливоста што самите си ја препишуваат. Веројатно со право, не се тие виновни што ниту една влада не може да биде составена без нив. Комфорот што го добиваат со таквата улога им дава сила што неконтролирано порасна и сè уште расте, со што се добива впечаток оти е невозможно да се контролира. Од нивниот глас зависи кој ќе остане, а кој ќе седне на другата страна од „Илинденска“. И затоа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе се пресметаат меѓусебно за да ја добијат наклонетоста на пријателите во Мала Речица. Едните мораат да молчат и да трпат за да го истераат мандатот до крај, а другите не сакаат да се замеруваат оти се надеваат дека за кратко време ќе станат старо-нови партнери.

За жал, така е тоа во земја каде што не функционираат законите. А кога ја нема правдата, моралот е слаб синџир во алката на одговорност.