Со сила убавина не бидува


АЛЕКСАНДАР КРЖАЛОВСКИ

Новиот тим што пред некој ден го претстави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, како што тој го нарече – тим на стратешки соработници, не е нешто ново на македонската политичка сцена, особено во однос на водечките две партии. Груевски своевремено претстави Совет на интелектуалци предводен од експремиерот Никола Кљусев, а СДСМ пред последните парламентарни избори зборуваше за тим од над 300 интелектуалци кои ја подготвуваат новата партиска програма.

Дека е потребна мобилизација на (нај)способните луѓе за прокламираната цел – обнова на Македонија е повеќе од јасно и потребно, но дали патот е преку постоечките водечки партии е дискутабилно!

Прво, не е баш јасна улогата на овие тимови, ниту ефектот од нивното составување и ангажман. Немам впечаток дека досегашните искуства беа успешни и продуктивни ниту, пак, дека некои од вклучените оставија некаков белег потоа во дејствувањето на партијата. Тука е првата, а можеби и главната нејаснотија – каква е позицијата на овие тимови во партиската структура и нивното доаѓање до израз во постоечката хиерархија. И сега се нагласи дека Извршниот комитет ја одобрил оваа нова структура во рамките на ВМРО-ДПМНЕ, што ја става во подредена улога (како што и би требало) во однос на (барем) членовите на ИК (а веројатно и на повисоките органи), па е прашање која би била функцијата на тие лица по евентуалното преземање на власта… Вака поставено не изгледа дека би имале предност во пополнувањето на министерските функции (а и самиот Мицкоски тоа го потврди потоа во ТВ-интервју). Па тогаш се поставува прашањето, чуму ангажманот во овој период.

Втора причина за ваков тим може да биде носење „свежа крв“ во партијата, демонстрација на капацитет да се привлечат способни кадри, како и постепено дистанцирање од претходните – со надеж дека тоа во јавноста ќе се перципира и како раскинување со некои или повеќето од лошите политики и особено лошите (коруптивни) пракси на претходната вмровска влада. Но за тоа ќе биде потребно време и конкретни чекори, документи, резултати од тимот, дури и пред изборите. А сепак и појасни изјави, однесувања и дела од раководството на партијата за дистанцирање од минатото, повеќе отколку што било од активностите на новиот тим.

Трета и можеби најамбициозна идеја со ваквиот тим е тој да биде т.н. влада во сенка, како што личи првичното претставување на тимот (иако потоа демантирано, но нели – на политичарите и така не им се верува многу, а кај нас и особено не треба), со нагласок на нивната стручност, високи постигнати резултати во професијата, а и чесност со оглед што повеќето не биле експонирани во јавноста и со тоа не се поврзани (барем засега) со никакви афери. За мене лично, тоа објавување на опозициска „влада во сенка“ е повеќе од потребно (сеедно дали со личностите од овој тим или други, од партиските органи на пример). Додека се во опозиција, партиите треба да профилираат јасни кандидати за конкретните министерски позиции, кои би биле и на платниот список на партијата во целиот тој период (па макар и тоа да е на наш трошок, преку државниот буџет). Но, пак, прашање е дали е тоа намерата со ваквиот тим… и што во таков случај со органите на партијата и лицата во нив.

Ова објавување на тим на стручни соработници кај ВМРО-ДПМНЕ коинцидираше и со почетокот на зголемената партиска активност, наречена „Разговори за обнова на Македонија“. Истовремено СДСМ започна слична активност под наслов „На прав пат“. Двете партии, заради законските ограничувања, односно забрана за спроведување изборни кампањи надвор од предвидените 20 дена пред денот на избори, внимателно ги објаснуваат овие активности како нешто друго, а не изборна кампања (слично како што на бесмислените прес-конференции си поставуваат прашања меѓу себе, за да не одговараат кривично за клевета – за тоа што го кажуваат со прашањата). Но, ако ова не е изборна кампања, не знам што е? Ова веќе го коментираа и неколку новинари, па еве – нека „допре тој глас“ до Јавното обвинителство, па тоа нека испита дали не се работи за изборна кампања на двете партии.

Покрај ова, деновиве се најави и формирање на барем една нова партија (Твоја партија), а имаше шпекулации и за друга (наводно од незадоволниците во рамките на ВМРО-ДПМНЕ). Со однесувањето на двете најголеми партии во изминативе неколку години, нивото на неодговорност и импровизации во водењето на политиките и државата, како и со подолго време многу ниското ниво на доверба на граѓаните во партиите, сметам дека и тоа како има простор за трета опција. Прашање е само во која мера некое ново движење или партија ќе успее да собере квалитетни и способни луѓе (како „стручните соработници“ од погоре, на пример) и тоа да биде доволно масовно, за да се придобие и значајно гласачко тело во краткиот период (веројатно шест месеци, а најмногу една година) до следните парламентарни избори. Во секој случај, нека им е со среќа обидот – периодот и состојба се најповолни досега за нова партија.

Дополнително, се надевам и верувам дека сите нови иницијативи за партии ќе се обидат да привлечат во раководството и членството претставници од сите етнички заедници, како што тоа му успеа на СДСМ на последните парламентарни избори. Со тоа, полека ќе стане излишна потребата од постоење на партии со етнички предзнак и можеби уште на следниве избори ќе се нормализира таа работа и во Македонија, па да нема таква партија во владејачката коалиција.

Уште една работа од областа на меѓуетничките односи предизвика внимание деновиве – „протечените“ нацрт-заклучоци на Венецијанската комисија во однос на Законот за употребата на јазиците. Како што веќе истакнаа некои коментатори, ем е ова неофицијално ем не е конечно мислење, па и јас овој пат нема да ја коментирам содржината. Но ќе си дозволам да го коментирам процесот – станува јасно дека законот се донесе набрзина, со голема доза на импровизации и партиски пазарења, а и со ова се демонстрира она што го напишав и погоре – високото ниво на неодговорност во водењето на политиките и „јавашлак“ во носењето на законите (па така „законски“ е плукањето по другата партија со прашања на партиските пресови, а законски се и тековниве изборни кампањи што „као“ не се кампањи). Јасно е и дека требаше да се почитува вообичаената постапка во работата на Венецијанската комисија – прво да се добие нивното мислење, па потоа да се носи законот, а не сега да се прави нова постапка за измени на законот за да се „закрпат“ грешките што во него се вградени. Ова за мене е и уште една потврда на народната мудрост – со сила убавина не бидува (патем, мислам дека истава мудрост ќе се покаже како точна и за Преспанскиот договор, но да видиме – времето ќе покаже).

Конечно, во неделата пред „историскиот“ самит на ЕУ на кој, по не знам веќе кој пат, ќе ја очекуваме уште поисториската одлука на ЕУ за почеток на преговорите за членство на Македонија во Унијата, и определувањето на најисторискиот ни датум за тој почеток, да ја кажам и јас својата прогноза. Иако важам за еден од поголемите скептици, сметам дека овој пат е прилично извесно добивањето на поволната одлука за Македонија. Можеби самиот датум (за првата меѓувладина конференција со што стартуваат преговорите) нема да биде баш во оваа година (декември), но очекувам да не биде предолго во иднина (веројатно би била уште во јануари, март или најдоцна во јуни), иако и тоа е сè уште можен елемент за „компромис“ (повеќе меѓу земји членки, отколку со нас) – да се определи „потаму“ во иднината. Тоа што мене ме секира е – што ќе има после запирката? Односно, што се ќе се бара од нас како нови услови во текот на преговорите (вклучително подоцна и што ќе бидат поединечните барања на Бугарија и Грција) или како што се почесто се коментира – каква ќе биде новата методологија за преговорите и колку долго таа ќе трае! Но за тоа ќе мислиме во годините потоа – идната недела ќе се порадуваме и прославиме за долгоочекуваниот датум.