Со „Приказната за Силјан“ стартуваат филмските проекции во Кочани со нова дигитална опрема
Центар за култура „Бели мугри“ од Кочани утре ќе ја одржи првата филмска проекција со новата дигитална кино опрема, набавена со донација од Агенција за електронски комуникации.
Со документарниот филм „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска, снимен во околината на Кочани, во Облешево, официјално ќе започне новата сезона на филмски проекции.
Како што најави в.д. директорката Габриела Стефановска, проекцијата ќе има хуманитарен карактер, а собраните средства ќе бидат наменети за повредените од минатогодишната трагедија на кои им е потребна долгорочна поддршка.
Стефановска информира дека свое присуство на премиерната проекција на „Приказната за Силјан“ најавиле претставници на Министерствотоза култура и туризам, претставници на донаторот – Агенцијата за електронски комуникации. Присутна ќе биде режисерката Тамара Котевска, еден од продуцентите – Јорданчо Петковски, претставници на Агенцијата за филм и Кинотека на Македонија и секако, главниот „актер“, кој е од Облешево со дел од екипата што го сними филмот.
Проекцијата на документарецот „Приказната за Силјан“ е закажана за утревечер во 19 часот.