Со кроце, со благо и со малку ќотек


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Не стига ли веќе ќотекот? Зар толку брзо!? Тоа се прашувам во овие денови на пресврт во македонско-бугарските односи. До пред некој ден се чинеше дека меѓу двете држави, по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, протече благо – сè мед и млеко. При потпишувањето на Договорот, во август 2017 година, двајцата премиери оценија дека станува збор за историски документ кој отвора нови перспективи во развојот на односите меѓу двете држави на билатерален и мултилатерален план. Премиерот Заев демонстрираше особено задоволство истакнувајќи дека е надмината една пречка на нашиот пат до членство во Европската Унија. Очигледно, при потпишувањето на договорот премиерот, а со него и државата, тогаш, Република Македонија, не ја знаел/е максимата содржана во насловот. А требало да ја знаат. Потпишувањето „историски“ договор претпоставува познавање на минатото, на други, помалку или повеќе, историски договори. Требало да ја знаат од најмалку две причини.

Прво, оваа максима е составен елемент на бугарскиот политички фолклор. Таа е константа. Особено кога станува збор за односот на официјална Бугарија кон македонската држава и Македонците. А политичкиот фолклор, како дел од политичките традиции и политичката култура на еден народ не е подложен на брзи промени. Политичката традиција е најревносниот осигурувач. Тој реагира на секаква осцилација во политичките струења. Така и сега. Бугарските политичари почувствувале дека сега е моментот да ја активираат третата фаза – ќотекот. Или ќе прифатите дека Гоце Делчев бил и е Бугарин, а со него и многу други негови современици и соборци, или нема ваше членство во Европската Унија. Стапот во раце како воспитна мерка наше за созревање, според бугарскиот премиер Борисов!

Втората причина поради која требало, не само да ја знаат, туку и да ја имаат на ум посочената идеја водилка на бугарската политика е фактот дека таа е афирмирана од еден нашинец со многу видно место и улога во бугарскиот политички живот! Нашинецот е Андреј Тасев Љапчев. Намерно велам „нашинец“. Тој е роден и пораснал кај нас, во Ресен (1866-1933). Себеси се идентификувал и се формирал како Бугарин. Најпрво бил избран за министер на војната, а малку подоцна бил избран за премиер на Царството Бугарија, од јуни 1926 до јуни 1931 година. Поради тоа, некои го нарекуваат бугарски Бизмарк.

Дали можеме, разумно, наместо нашинец да го наречеме Македонец! Можеме, секако, но никако во секоја смисла на зборот „Македонец“. Така го нарекува новинарот Виктор Цветаноски, на пример. За него, Андреј Љапчев и други нашинци од тој период, како Ѓорче Петров, Тодор Александров, Симеон Радев и други биле „кремот на бугарското општество“. Љапчев е „Македонец“ во регионална смисла на зборот, но во национална смисла тој јасно се формирал, се определил и се афирмирал себеси како Бугарин.

Но, покрај ова, историјата познава и други значења на именката „Македонец“. Зборот „Македонец“ е полисемичен – едно име повеќе идентитети. Некои постари, некои понови. Некои поцврсти, некои пофлексибилни. Обратно од тоа, најновите изјави на бугарските државници се израз на една есенцијалистичка позиција. Според неа, националниот идентитет е нешто зададено, нешто објективно, нешто фиксно. Но, ако е така, тогаш која е смислата на максимата на Љапчев – „Со кротце, со благо и со малце кьотек“?

Првпат ја чув пред триесетина години. Од прва ја разбрав, благодарение на презентерот. За тоа му должам токму на Красимир Каракачанов кој, еве, и сега е најсилен бранител на бугарштината во Македонија, но само во Северна, а ќути за неговата претпоставена бугарштина во грчка Македонија. Во разговор за македонскиот национален идентитет како историски факт тогаш тој ја искажа токму таа парола. Сакајќи да опише политиката на преобраќање на Македонците во Бугари ќе рече: да, сега многумина од вас се кажувате за Македонци и ние не сакаме наеднаш да ве преобратиме, не бива. Нашата политика е со кроце, со арно и на крајот, за тие што не бива така, со малку ќотек.

Сум имал среќа смислата на таа максима да ја слушнам протолкувана лично од еден од најжестоките застапници на бугарската есенцијалистичката позиција во однос на македонското прашање. За тоа тој е лиценциран и од соодветната бугарска служба за државна безбедност. А оваа служба во Бугарија, исто како и нејзиниот пандан кај нас, длабоко ги набивале официјалните вистини, особено вистините на двата тоталитарни комунистички режими. Идентитетските се омилени. Тие во своето дејствување работат стратегиски – кога треба полека, кога затреба подмачкуваат со благо, а кога ќе дојде нож до коска посегнуваат и по сила, со ќотек.

Да. Овие служби, како инструменти за заштита на државните интереси имаат монопол над физичката принуда, над силата. Но тие немаат монопол над вистината. Вистината во врска со човечките, општествените и историските прашања нема еден единствен, суверен толкувач. Општествените и хуманистичките науки, токму како научни сознајни дисциплини, ги знаат границите на сопственото знаење. Тие ги знаат границите на нивните вистини. Колку се посвесни за тие граници толку повеќе македонската и бугарската историска наука ќе се доближуваат до решение за националноста на Гоце Делчев и многу други нашинци. А признавањето на ограниченоста на нашите знаења е единствена брана од различните форми на есенцијализам, особено во врска со прашањето за националноста на Балканите.

Според овие сфаќања, „националниот идентитет“ е вроден белег на луѓето. Националноста е генетски начин впишана (крвно или културно) во секоја човечка единка и заедница. Независно од тоа дали единките или заедниците високо еволуирале и се освестиле во врска со својот национален идентитет, националноста, според овие сфаќања може да биде препознаена и декодирана со помош на авторитативни експертизи со кои располагаат обучени набљудувачи – неретко платени од „службите“.

Ваквите идеи ги препознаваме токму во современите етнонационалистички политики. Барањето да се признае дека Гоце Делчев е Бугарин и само Бугарин значи дека токму тоа е неговиот претпоставен, оригинален, суштински национален код. Овие политики не ги земаат предвид фактите дека времето во кое живеел, борбите што ги водел со едни и со други противници и конкуренти врз него впишале и друг/и идентитети – политички и верски. Тој самиот за себе велел: „По идеологија сум социјалист, по убедување анархист, а по животно дело терорист“! Која од овие одредници ја означува неговата националност?! Освен тоа, и во Република Бугарија и Република Северна Македонија православните цркви имаат официјален статус. Но, не и унијатските, а Делчев бил крстен во унијатска црква, нели! Значи ли тоа дека тој е или бил бугарски унијат? По која логика? Македонски, да, бидејќи Кукуш е во тогашна отоманска Македонија, а тој самиот се борел до смрт за „државичка“ Македонија независна и од Бугарија! И тоа далеку пред формирањето на Коминтерната и далеку пред „српскиот заговор“ против бугарштината во Македонија.

Максимата на Љапчев, сепак, би можела да стане водилка и денес. Но, наместо ќотекот за крај да се побара дигестив. Тоа би било логично. Полека да се преџвакаат многубројните искажани историски „вистини“, да се зачинат со благо во духот на договорот за пријателство и добрососедство и на крајот, во француски стил да се заврши со дигестив. Во очекување на потегот на Франција виа Германија – октомври е блиску!