Слушајте го претседателот


Претседателот Стево Пендаровски покажа како да треба да се однесува одговорен политичар, особено кога е на функција. Во само неколку поенти, шефот на државата го кажа тоа што го мисли секој слободоумен граѓанин: истрагата за случајот „Рекет“ не е брза и темелна, обвинителите си заминаа одмор небаре станува збор за редовен предмет, разочараноста во општеството од однесувањето на специјалната јавна обвинителка е огромна, а правна држава не се гради само со зборови и со гонење криминалци единствено од претходната власт, туку и со одговорност кон сите што се огрешиле пред законот, макар биле и актуелни функционери.

Пендаровски зборуваше како обичен граѓанин, а се однесуваше државнички. Не употреби флоскули, туку директен речник, притоа внимавајќи да не ги прегази линиите на ингеренциите што ги има, порача оти мора сите да дознаеме дали и кој кого штити во случајот што ја тресе „Илинденска“. Само така можеме да ја вратиме довербата кон правната држава.

Во овие три месеци додека е на Водно, Пендаровски се труди да остави впечаток оти натпартиската функција што ја извршува, навистина ја смета и ја доживува како таква. Секако, не може да се пребегне фактот дека претседателската трка ја доби благодарение на поддршката од СДСМ и од ДУИ, а и тој јавно признава дека за многу работи исто размислува како премиерот Зоран Заев.

Но забележливо е оти не се кара со опозицијата, не ги навредува противниците, не гледа со потсмев кон пониските слоеви. Таков беше барем досега. Тоа што е од професорската фела и што има искуство и во разузнавањето и во дипломатијата, очигледно му помага во настапот и имиџот во јавноста што го гради како претседател.

Веројатно грешка беше што на неговата инаугурација не беше повикан и лидерот на опозицијата. Којзнае дали Христијан Мицкоски ќе ја прифатеше поканата и ќе го ставеше во шах-мат позиција, но вака му даде совршено алиби да не мора да му дава легитимитет на претседателот што е избран со волја на граѓаните. И потоа со недели и месеци да нема(ат) време да испијат едно кафе.

Кога е во прашање аферата „Рекет“, секојдневното забошотување и одолговлекување на истрагата, остава простор да се шират сите можни теории, но ниту една од нив не им оди во прилог на владејачките. Нејасно е дали се свесни за тоа. Да не биде подоцна, за едно-две килограми месо, да отиде целиот вол.

Ситуацијата на Пендаровски е доволно комотна да каже што му лежи на душа, затоа што описот на неговото работно место нема врска со директното креирање на политиките во државата. Но и тоа како има врска со креирањето општествена свест и амбиент во општеството. Секако, битно е и тоа што Пендаровски на никој начин не соработувал со Боки 13 или со неговата невладина организација, а и не се дружел со контроверзни бизнисмени и алчни обвинители. И, затоа може слободно да каже оти зборуваме за огромна криминална афера што ги тресе темелите на важни државни институции и ја доведува во прашање, уште повеќе од досега, довербата на граѓаните во политичарите и во сопствената држава.

Во меѓувреме, еве ги уште еднаш прашањата на кои очекуваме одговор: Од каде им толкава моќ на Боки 13 и на Зоки Кичеец? Дали тие самите се одлучиле да собираат пари од бизнисмени што имаат мака со СЈО или работеле со Катица Јанева? Ако не, зошто ја спомнувале во секој разговор? Зошто не е повикана на распит? Дали Камчев навистина бил рекетиран или сакал да плати за да биде ослободен? Ако на почетокот бил во дил со „рекетарите“, кога му текнало да ги намести? Дали некој тоа му го кажал? Кој му помогнал? Зошто луѓе од највисоките партиски и државни раководни места од владејачката партија се дружеле со Боки 13? Зарем не го знаеле неговото сомнително минато? Дали некој друг ќе одговара освен Боки и Кичеец? Дали некој ги штити главните играчи во случајот? Дали тие се од внатре или од надвор? Кому му одговараше целиов хаос и кој ќе извлече најголема корист од компромитирањето на СЈО, од неизвесноста околу законот за обвинителство и од нападот врз Владата? Кој ќе се спаси од прогон за криминали што ги слушавме во првите „бомби“?

Белким нема да има потреба претседателот пак да се обраќа за истата работа.

Горан Адамовски