Словенија бележи рекордно долготраен топлотен бран


Љубљана – Словенија го бележи најдолготрајниот топлотен бран во историјата, со очекувања деветти ден по ред температурите да надминат 35 степени Целзиусови, соопшти словенечката Агенција за животна средина.

Топлотниот бран минатиот вторник првично ја зафати западна Словенија, за наредниот ден да се прошири и во источните делови на земјата. Според метеоролозите, денешниот ден е деветти и последен ден со екстремно високи температури, што претставува рекорд по времетраење на национално ниво.

Во главниот град Љубљана и во уште неколку места вчера беа измерени рекордно високи температури, каде живата во термометрите надмина 35 степени. Нов рекорд беше забележан и во зимскиот туристички центар Рогла каде ноќната температура не падна под 21 степен Целзиусов, независно надморската височина од 1.495 метри.

Метеоролозите за утре очекуваат умерено заладување, но не за долго. Веќе за викендот повторно се прогнозираат горештини, со температури над 35 степени Целзиусови.