Словачка сака руска нафта директно од Русија, не преку унгарски MОЛ


Владимир Путин и Роберт Фицо

Словачка ја разгледува можноста за директно купување нафта од Русија, што во моментов се прави преку унгарскиот концерн MOL, изјави денес словачкиот премиер Роберт Фицо.

„Нафта за Словачка купува компанијата MOL, која е сопственик на рафинеријата „Словнафт“ во Братислава. Се разгледува можноста Словачка да стане партнер во снабдувањето со руска нафта“, рече Фицо, пренесува Спутњик.

Тој изјави дека разговарал за ова со претставниците на државниот оператор на системот за транспорт на нафта „Транспетрол“, кој би можел да биде купувач на руска нафта за рафинеријата во Братислава.

„Би морала да биде некоја државна компанија што би ја купила оваа нафта во Русија. „Транспетрол“ би можела да биде и една од тие организации, бидејќи се занимава со транспорт на нафта и природно е што тие беа првата компанија со која разговарав на оваа тема“, истакна Фицо.

Фицо претходно одржа итен состанок со претставници на компанијата „Транспетрол“ по преговорите во Русија за испорака на енергетски производи, но не беше прецизирано што точно разговарал со нив.

Компанијата „Транспетрол“ управува со словачкиот дел од нафтоводот „Дружба“, управувајќи со транзитот и дистрибуцијата на нафта во Словачка.

На крајот на јануари, Украина го суспендираше транзитот на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“ низ украинска територија до Словачка и Унгарија, наведувајќи го оштетувањето на нафтоводот како причина, а во април, откако беше санирана штетата, испораката продолжи.