Скопје прозвучи светски: Бетовеновата Деветта симфонија со пијанистот Дино Имери не воодушеви до болка


На јазикот на класичната музика синоќа во преполната мала камерна сала на Филхармонија, беше „allegro ma non troppo, un poco, molto vivace, adagio molto e cantabile, finale“.

На јазикот на емоциите, делниците  на прочуената Деветтата симфонија оп. 125 од Лудвиг ван Бетовен на само едно пијано, талентираниот пијанист од помладата генерација Дино Имери (1990), ги изведе маестрално, со емоции, во потполна тишина, со поткована публика, која молчи и ужива, а не ракоплеска каде што не треба. Иако Деветтата…на Бетовен, е едно од најмонументалните и најзначајни дела во целокупната музичка историја во оригинал напишана за симфониски оркестар, хор и вокални солисти која воодушевила, трогнала и влијаела на многу луѓе низ историјата, нам ни звучеше како празник за ушите, како предновогодишна музичка бајка, збогатување на празничната атмосфера и подигнување на новогодишното расположение.

На сцена едно пијано, слика со Бетовен на постамент, и еден цвет како знак на почит на славниот композитор, за овој концерт  кој е вистинска реткост на светската сцена, додека пак е прв од ваков тип во Македонија. Пијанистот Имери, доцент на Факултетот за музичка уметност, при УКИМ, по неговите фантастични успеси во престижната концертна сала „Коларац“ во Белград каде настапи со нашата Филхармонија и маестро Габриел Бебешелеа, како и по неговата шеста соработка со Софиската филхармонија и маестро Љубомир Денев Помладиот, која резултираше со концерт во Софија, пак не однесе на бесценето музичко патување какво културно Скопје заслужува.

Деветтата симфонија првпат е изведена на 7 мај 1824 година, а Бетовен ја пишувал интензивно меѓу 1822-1824. Неговите скици покажуваат дека тој напишал преку 200 теми базирани на текстот на Ф. Шилер  „Ода на радоста“ во обид да ја најде вистинската – онаа која денес сите ја препознаваме. Неговата Деветта симфонија во себе содржи бројни иновации кои не се надминати до денешниот ден. Токму оваа Симфонија е прва која вклучува хор, вокални солисти и оркестар – нешто што не било чуено или помислено до тогаш.

Дино Имери, од критиката наречен „магионичар на пијаното“ синоќа го изведе аранжманот на титанот на пијаното – Франц Лист на кој тој работел повеќе од 15 години. По бројните неуспешни обиди, Лист најпрво ја обработува симфонијата за две пијана, а потоа успева да го направи аранжманот за едно пијано кој е во репертоарот на мал број од вистинската пијанистичка елита на уметници кои  се сметаат за раритет во чии концерти уживаат сладокусците на нивната уметност.

Маестро Имери се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Своето образование го стекнува работејќи со професорите Људмила Романова, Борис Романов  како и со професорот Симон Трпчески во чија класа магистрира на само 22 годишна возраст со просек 10 и со почести Кум Лауде.

Л. Сабит