Со рози, пораки од Унеско и Иван Шопов и извадоци од Дон Кихот ќе биде одбележан Светскиот ден на книгата во Скопје


Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, во соработка со Амбасадата на Кралството Шпанија во Македонија, Град Скопје и Францускиот институт во Скопје, годинава заеднички ќе го одбележат Светскиот ден на книгата и авторското право со интерактивна програма.

Прославата започнува на 20 април на Плоштад Македонија, каде до 22 април, од 10 до 18 часот, посетителите ќе имаат можност да добијат бесплатни книги, да учествуваат во интерактивни активности, да се пријават за организирани тури низ Библиотеката и да освојат бројчиња за специјално изненадување закажано за 23 април.

Настанот ќе биде збогатен со учество на институции како Македонски народен театар, Археолошкиот музеј на Македонија и Природонаучниот музеј на Македонија.

Организаторите истакнуваат дека оваа година фокусот е ставен на приближување на книгата до граѓаните, преку излегување од традиционалниот библиотечен простор и создавање динамична културна атмосфера на отворено.

Кулминацијата на одбележувањето ќе биде на 23 април, кога ќе се реализира специјалната програма со книжевни средби, прошетки низ Библиотеката и музички содржини за сите возрасти.

Централниот настан ќе започне во 11 часот во новиот дел на Библиотеката, во Мултимедијалната читалница, а организаторите ги повикуваат граѓаните да бидат дел од оваа книжевна прослава.