Шут во главата, рогат во умот


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Рано утро во Скопје, време во кое вработените тргнуваат на работа. Непрегледна колона возила заглавени во сообраќајниот метеж. Лицата на луѓето тивко тажни со отсутен поглед вперен во далечина, колоната одвај се придвижува затоа што сè уште заспани возачи едвај да реагираат на зеленото светло на семафорот. Задоцнет мозочен импулс испратен до мускулите на нозете го лимитира движењето на возилата на одвај две до три низ крстосницата на зелено. Сирените на возилата постојано трубат и тоа е единствениот знак на живот кај возачите и единствен знак на револт и протест.

Македонците се силни и енергични во своето незадоволство само на семафори, за сè друго имаат оправдување во поговорката со сведнатата глава и сабјата или во оној исконски изговор, што ми е мене гајле, не е мое за тоа да мислам. Додека стоиме на закрчените улици и од ауспусите испуштаме кон небото стотици кубици јаглерод диоксид, опушоци летаат од прозорците на возилата како конфети. Таму од кај Тафталиџе се крева густ чад и само го затемнува небото уште повеќе, а воздухот мириса на гареж. На автобуските постојки кантите за ѓубре се без дно и стојат само како украс и декорација, а околу луѓето кои чекаат автобус ѓубре до коленици, хартии и хартивчиња како да се во печатница. Пластичните кеси прелетуваат од една страна на улицата на другата како детски змејови на ветер. Возачот на автобусот до мене отвора прозор и сочно плука на улица среќно промашувајќи ја мојата шофершајбна и двајцата пешаци кои ја преминуваат улицата провирајќи се помеѓу застанатите возила. Сонцето срамежливо ѕирка низ облаците чад создаден од возилата и ќумбињата кои чадат таму од кај Ѓорче и Сарај и од кај Аеродром и Ново Лисиче.

Додека чекам на семафорот слушам радио и оној министер за транспорт и врски како нешто блада за дивоградбите во Охрид и УНЕСКО. Ќе правел регистар на дивоградби за да направел распоред за нивно отстранување. Како ли никнале преку ноќ толку многу да дојдовме и до изготвување на регистар и си помислувам мора да е до кусогледоста и слепилото на инспекторите и министерството. Слепи сме за зелено светло на семафорот и безрефлексни, задоцнети во реакциите, слепи сме за ѓубрето, па зошто не би биле слепи и за дивоградбите и безрефлексни во нивното запирање при градба.
Воопшто како нација сме слепи и заспани за сè она за што другите се ококорени и будни. Слепи сме и заспани за своето минато, слепи и неразбудени во сегашноста, а иднината не ја ни погледнуваме. Погледот ни досега само до врвот на носот и сопствениот интерес и комфор, а будни сме само за кафеана, мито, измама, озборување и малоумно безперспективно празно филозофирање. Секогаш ни е прашањето што некој друг може да направи за нас, но никогаш не сме се запрашале што ние самите можеме и правиме за себе и својата иднина. Виновникот за сите состојби во нашето општество и државата е некој друг, имагинарен лик или странска служба или сила, виновник за нашата ментална состојба е некој друг, никогаш ние самите.
Ние сме народ која не се почитува себеси и ништо околу себе. Ние сме народ на продадено и избербатено минато од нас самите, народ која ја сече семејната гранка на своето семејно стебло кое другите народи љубоморно го чуваат и негуваат. Ние сме народ кој ги дал Кирил и Методиј кои ги описмениле народите околу нас и го воздигнале и угледот и влијанието на нашиот народ до епски размери, но залудно и двајцата се мачеле затоа што ги дадовме и нив и нивното наследство за еден бронзен коњ и воин истопорени на плоштадот на кичот и невкусот. Како ретко кој народ можеме да се пофалиме со нашите предци кои се бореле на вистинската страна против фашизмот во Втората светска војна, но нивните коски и нивниот легат ги дадовме за сомнителни патриоти со ками и бради.
Абаџиев, Вапцаров, Дракул, Ѓузел, Жинзифов, Иљоски, Јаневски, Конески, Мисирков, Павловски, Пејчиновиќ, Прличев, Рацин, Урошевиќ, Цепенков, Шопов, Шапкарев и десетици други неповторливи писатели ги заменивме со шунд литература и интернет ликови, кои дури и двосложните зборови ги пишуваат со грешка.
Ние како народ ниту ја познаваме нашата земја ниту се грижиме за неа. Добар дел од нашиот народ не знае каде е Курбиново ниту знае зошто е и по што познато. Огромен дел од народот не знае ниту ги видел водопадите во Смолари, Габрово и Колешино, не отишле да ја видат светската реткост во Моноспитово. Никогаш не се качиле на Галичица, ниту знаат што е Магаро и Лако Сигној. Никогаш не ги виделе убавините на Баба и Дешат, а за Кораб мислат дека е вид кашкавал. Но затоа за Халкидики, Пефкохори, Калитеа, Банско и Саранда знаат сè. Не дека е лошо да се знае и за другите земји и убавините, не дека е лошо да се патува и запознае она што го имаат и другите, но пред сè треба да се познава и почитува својата земја за да знаеш и кој си и од каде си и да знаеш и можеш да цениш она што го имаат другите.
Секоја земја и народ би се гордееле со Преспанското Езеро и неговите убавини, со островот Голем Град, со Охрид и Охридското Езеро, со Св. Наум и Плаошник и љубоморно би ги чувале. Наместо тоа, ние ги загадуваме, бербатиме, градиме дивоградби, узурпираме, а кога ќе не опоменат дека сме забегале почнуваме преку некои министерчиња по партиска линија и способност да мрчиме, мудруваме, паметуваме, да не го употребам модерниот израз – паламудиме.
Како ретко кој народ сè уште пиеме вода од чешма, но тоа ниту нешто ни значи ниту го почитуваме па реките и изворите ни служат како депонии за ѓубре, шут, отпад. Автохтоните семиња на јабучарот ги заменивме со турско безвкусно гумено растение, а златниот и црвениот делишес со модерни семиња донесени од којзнае каде.
Додека другите народи љубоморно го чуваат своето минато и својата земја ние се расфрламе и з и со едното и со другото. Оправдувањето дека сме мали и немоќни во ова време на глобализација е само изговор и оправдување за апашлукот, корупцијата, неспособноста и некадарноста да се сочува и унапреди својата земја, а незнаењето и незаинтересираноста на народот е добра шанса за остварување на личните интереси на партиските мешетари и бизнис тајкуни.