Што значи платформата на Шарл Мишел за „Европска геополитичка заедница“

Иако идеите на претседателот на Европскиот совет  изгледаат слични со проектот што го предложи Емануел Макрон, има многу разлика меѓу двете платформи


 

Додека земјите од регионот, а особено Mакедонија и Албанија, го чекаат јунскиот самит на ЕУ, внатре во Унијата како да почна остра борба како да се понуди платформа која ќе биде некакво решение за новата европска архитектура за наредните децении. Првиот предлог беше на францускиот претседател Емануел Mакрон за „Европска политичка заедница“ а вчера со своја идеја се појави и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој својата платформа ја нарече „Европска геополитичка заедница“. Тој своите идеи ги образложи ден пред неговата турнеја во Западен Балкан.

На неговата почетна точка од турнејата, во Белград, Мишел објаснуваше дека „Европската геополитичка заедница“ ќе им помогне на земјите кои сакаат да се приклучат на Европската унија, бидејќи тоа ќе го олесни нивниот процес на приклучување.

На заедничката прес-конференција по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, Мишел рече дека новата платформа ќе даде можност за редовна размена на мислења на највисоко ниво што ќе го зголеми „взаемното политичко разбирање меѓу вклучените страни“.

„Целосно ја поддржувам идејата да се забрза процесот на пристапување и да се направи поефикасен. Опипливи придобивки треба да се почувствуваат во земјите кандидати. „Европската геополитичка заедница“ ќе ни овозможи редовно да се среќаваме на највисоко ниво, да разменуваме идеи за заеднички интереси, да се координираме“, објасни Мишел.

Тој изјави дека предлогот за создавање на „Европската геополитичка заедница“ го дал бидејќи „битно е токму сега“ да постои политички формат што ќе овозможи „заедничка посветеност на конкретни предизвици“.

Овие негови зборови изгледаа помеки во однос на она што тој го кажа вчера, среда, во говорот на пленарната сесија на Европскиот економски и социјален комитет. Тој рече дека проблемот со сегашниот процес на проширување е што е „сѐ или ништо“, што создава разочарување, додавајќи дека е потребен нов моментум. Мишел рече дека процесот треба да биде побрз, постепен и реверзибилен.

„Решението би требало да лежи во прогресивна и постепена интеграција, веќе за време на пристапниот процес. Повеќе за повеќе. На пример, кога една земја ги исполнува потребните стандарди во даден сектор, таа може активно да учествува со советодавно гласање во работата на Советот на министри во зависност од агендата. Земјата, исто така, постепено би се интегрирала во активностите на ЕУ, бидејќи се потврдува нејзината усогласеност со acquis. На пример, во одредени области на внатрешниот пазар, роаминг зоната на ЕУ или заедничкиот енергетски пазар“, рече Мишел.

Тој додаде дека, кога земјата ќе постигне одредени одредници, ќе има корист и од пристапот до европските програми и финансирањето што нудат конкретни придобивки за нејзините граѓани.

Според претседателот на Европскиот совет, во овој процес треба да се интегрира и принципот на реверзибилност.

„Враќањето би имало директно влијание врз нивото на интеграција на земјата. На пример, ако една земја отстапи од владеењето на правото, некои од придобивките добиени од интеграцијата може да се одземат од неа“, рече Мишел.

Покрај тоа, рече тој, особено и итно внимание треба да добијат билатералните спорови, често мотивирани од малцинските прашања, не образложувајќи посебно како би се третирале тие.

„Мораме да размислуваме и подалеку од проширувањето“, рече Мишел, додавајќи дека, додека ЕУ презема поголемо геополитичко лидерство, меѓународните очекувања од Унијата исто така растат, особено од голем број соседи на ЕУ кои сакаат нов однос со неа.

„Ова произлегува од фундаментална опсервација: постои геополитичка заедница, која се протега од Рејкјавик до Баку или Ереван, од Осло до Анкара… Јас сум цврсто убеден дека на овој географски простор мора да му дадеме политичка реалност. И тоа мора да го направиме веднаш“, рече тој.

Тој рече дека оваа иницијатива во никој случај не е наменета да го замени проширувањето, но и дека не е гаранција дека тие што ќе учествуваат еден ден ќе бидат членки на Европската унија.

Целта на формирањето на Европската геополитичка заедница ќе биде да се воспостави конвергенција и да се продлабочи оперативната соработка за справување со заедничките предизвици и да се промовира мирот, стабилноста и безбедноста на континентот.

„Прво на ум ни доаѓаат Западен Балкан, придружните земји на нашето источно партнерство и другите европски земји со кои имаме блиски односи“, рече Мишел.

Тој предложи шефовите на држави или влади на земјите учеснички да го преземат водството и да се состануваат најмалку двапати годишно, при што надворешната политика е главна област на соработка во рамките на оваа заедница. Министрите за надворешни работи редовно би се приклучувале на Советот за надворешни работи на ЕУ, а други формации на Советот би можеле да го следат истиот пример.

„Акцентот би бил ставен и на поврзувањето со социо-економските програми кои не бараат регулаторно усогласување, но кои можат да донесат конкретни взаемни придобивки. На пример, Еразмус, програмата за истражување и развој Хоризонт или транспортната и енергетската инфраструктура“, рече Мишел.

Тој рече дека почнал да се консултира со 27-те лидери на оваа тема и дека ќе ја стави на агендата на јунскиот Европски совет.

„И ќе предложам одржување на конференција околу летото. Ќе ги собере лидерите на ЕУ и оние на засегнатите земји партнери, со цел да разговараат за конкретните опции на овој нов заеднички проект. И ќе организирам, во координација со француското претседателство, средба со лидерите на ЕУ и Западен Балкан во јуни, на маргините на нашиот Европски совет“, рече Мишел.

Неговите предлози доаѓаат една недела откако Макрон образложи, како што изгледа, сличен концепт – „Европска политичка заедница“. Макрон денеска објаснуваше дека Европската политичка заедница претставува надополнување, а не алтернатива на процесот на пристапување во ЕУ.

Макрон ѝ беше домаќин на претседателката на Молдавија, Маја Санду, чија земја по почетокот на руската инвазија на Украина поднесе кандидатура за членство во ЕУ. Зборувајќи пред пред Елисејската палата со Санду Макрон рече дека неговиот предлог е „да се создаде нова рамка за структурирање на соработката, здружувајќи ги демократските европски нации кои се придржуваат до нашата база на вредности и кои се стремат кон Европската унија“.

„Оваа заедница не е алтернатива на пристапниот процес, туку надополнување кое, независно од него, овозможува посилно структурирање на политичкиот, енергетскиот и инвестицискиот однос со неколку земји кои тоа го посакуваат“, рече тој. (Љ.П.)