Што, всушност, се случува со вториот пензиски столб во Естонија


Мирче Јовановски

Предлогот на ВМРО–ДПМНЕ за блиц реформа во пензискиот систем во земјава стана жешка тема на расправа во јавноста кај нас. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, повикувајќи се на реформите во Естонија, се заложи Вториот пензиски столб во земјава (или Задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување) да се припои на државниот пензиски фонд и така да се намали дефицитот во пензиската каса. Предлогот потоа доживеа неколку варијации, како, на пример, дека средствата само времено би се префрлиле, а потоа и дека државата може да интервенира со стапките со кои се распределува придонесот за пензионирање меѓу првиот и вториот столб.

Мицкоски ги игнорираше реакциите од регулаторот МАПАС дека станува збор за приватни средства, како и на поголемиот дел од стручната јавност која вели дека со евентуално таква мерка ќе се прати лоша порака до инвеститорите. Истовремено, жестоко ги нападна ставовите на владејачката СДСМ дека мерката е, всушност, ставање на раката во џебот на приватни осигуреници. Мицкоски вчера го оцени како кусогледо одбивањето на Владата да го прифати нивниот предлог кризата поради епидемијата да се решава така што ќе се искористат средствата од приватниот пензиски фонд кои ќе значат за македонската економија дополнителни 200 милиони евра. „Може Естонија, а не можеме ние“, е една од последните изјави на Мицкоски.

Но што, всушност, направи Естонија со пензиските реформи? И дали е така како што упорно зборува опозицијата?

Според порталот news.err.ee, пензиските реформи во оваа земја не одат баш толку мазно и без реакции. Како што стојат работите, ќе треба да пресече естонскиот Врховен суд откако претседателката на Естонија, Керсти Калјулаид, на крајот на март по втор пат не го потпиша законот за пензионирање и го испрати до Врховниот суд.

Врховниот суд се надева дека ќе донесе одлука до есен“, изјави портпаролот на судот за естонскиот медиум.

Во текст објавен на 26 март, порталот пишува дека по второто одбивање на претседателката Калјулаид да го потпише законот, таа го испратила до Врховниот суд каде што бил изнесен пред одбор составен од главниот судија на Врховниот суд, Вилу Кове, и уште четири други судии.

Овој одбор на 25 март испратил писмо до претседателот на парламентот, до владата, министерот за правда, Банката на Естонија и националната канцеларија за ревизија во кое се бара да се даде мислење дали пензиската реформа е во согласност со Уставот или не. Одговорот се очекува до 25 април.

Доколку се оцени како неопходно, овој одбор може да го проследи случајот до Врховниот суд на Естонија. Одборот, исто така, утврдува дали случајот ќе се реши по писмена или усна постапка.

Естонскиот парламент го донесе законот за пензиската реформа на 29 јануари, по долга дебата со 56 гласа „за“ и 45 „против“. Владата го поврза изгласувањето со гласање за доверба за да се избегне тактиката на блокирање од страна на опозицијата. Откако претседателката го отфрли нацрт-законот на почетокот на февруари, парламентот го донесе законот непроменет по втор пат на 11 март, пишува порталот.

Предлог-законот го нарушува Уставот доволно за да се побара неговото враќање во парламентот“, рече Калjулаид на 7 февруари. „Давачките за пензиско и за национално здравствено осигурување се јасни. Доколку овие износи се повлечат, јасно е дека се менува целта на инструментот. И тоа е неуставно“, објасни тогаш Калjулаид, пишува порталот .

Но, за нас во Македонија, кои деновиве се изнаслушавме за прочуениот естонски модел (кој, патем, бил критикуван и од повеќе меѓународни организаци, како ОЕЦД и од ММФ), особено е важно да видиме како е замислен.

Според пишувањето на естонските медиуми, реформата има за цел да им овозможи на луѓето да одлучат дали ќе му се приклучат, ќе останат или ќе го напуштат вториот столб на пензискиот фонд. Оние кои сакаат да продолжат да штедат за пензија како и досега, не мора да сторат ништо. Ако некој сака да го напушти вториот столб, да му се придружи или да престане да плаќа, треба да поднесе барање до банка или до пензискиот центар. Со ваквата реформа се овозможува луѓето сами да ги инвестираат постојните пензиски средства.

Но, со ваквите решенија не се согласил ниту комесарот за правда кој во јануари испратил писмо до претседателот на собраниската комисијата за финансии, во кое образложил дека реформата, всушност, ќе резултира со нееднаков третман на лицата кои ќе можат да ги повлечат средствата пред да ја достигнат возраста за пензионирање, и оние кои тоа нема да можат да го сторат.

Инаку, вредноста на вториот столб минатата година се проценуваше на 4,4 милијарди евра. Кога вториот столб беше воведен во 2002 година, тој беше задолжителен за оние над 18 години и доброволен за работниците постари од 60 години, опција која беше стопирана на крајот на 2010 година.

На законското решение во почетокот на годинава се спротивстави и гувернерот на Банката на Естонија, Мадис Милер, според кого станува збор за лоша идеjа гледано долгорочно.

„На долг рок, ваквите промени во пензискиот систем веројатно ќе доведат до пониски пензии, поголем даночен товар и до поголема имиграција во Естонија. Сè на сè, ова е лоша идеjа“, рече Милер.

Според него, слободата за повлекување средства од вториот столб може првично да ја зајакне економијата и да ги зголеми приходите на владата, но само на краток рок.

„Всушност, ова значи дека на краток рок им даваме на луѓето слобода да направат нешто друго со парите што ги вложиле на своите сметки за пензионирање. Проблемот е што оваа слобода е на штета на тоа што во иднина ќе има помалку слобода. Навистина кратковидо“, рече Милер, кој забележа дека не само Банката на Естонија, туку и многу аналитичари, ОЕЦД и ММФ ги критикувале реформите.