Колку е поволна каматата на новото задолжување од 260 милиони евра


За 260 милиони евра, колку што Владата ќе се задолжи од странските банки, за седум години колку што изнесува рокот за враќање, ќе треба да се платат дополнителни шеесетина милиони евра кон заемодавателите, според пресметките кои денес на Комисијата за финансирање и буџет ги изнесе пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи. За министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, условите за добивање на заемот биле извонредно поволни, бидејќи, како што објасни во интервју за ТВ „Алфа“, каматата била ниска, а рочноста била знак дека кредиторите и верувале на Македонија.

Министерката не опрецизира дека покрај каматната стапка ќе треба да се платат и дополнителни провизии на заемодавачите, но и на агентот на заемодавачите.

Еве што пишува во образложението на Законот за задолжување за кој денес се кршеа копјата во собраниската Комисија за финансирање и буџет:

Заемот ќе се повлече во една транша, согласно со роковите и условите утврдени во Договорот за заем. Притоа, како што се наведува, рокот за отплата на заемот е седум години, на девет еднакви полугодишни рати, со вклучен грејс период од три години.

Во однос на каматната стапка, се вели дека. таа е променлива и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина која изнесува 2,10 отсто.

Според денешнта состојба на европскиот меѓубанкарски пазар, каде што таа се одредува, шесмесечниот ЕУРИБОР е 2,594 проценти, со тоа што треба да се има во предвид дека поради влошената состојба во светот, енергетската криза и другите фактори, оваа стапка има тренд на пораст. Така на пример на 1 февруари годинава била 2,105 проценти. Оваа референтна каматна стапка за позајмувањата изминатите години прилично варираше, па на пример, во 2022 година беше дури и негативна, а во 2024 скокна на 3,532 проценти.

Ова покажува дека актуелното задолжување (како впрочем и другите врзани со ЕУРИБОР), може да биде и поповолно, но и многу понеповолно од условите кои што се во моментот.

Но, покрај оваа „редовна“ камата, заемот вклучува и друг значаен трошок- во вид на еднократна провизија во износ од 1,4 отсто од износот на заемот, што практично, значајно ја подигнува цената на задолжувањето, бидејќи станува збор за 3,64 милиони евра. Покрај ова Македонија ќе плаќа на Агентот на Заемодавачите провизија во висина од 12.500 евра на годишно ниво.

Пратеникот Битиќи денеска реагираше на намерата законот за задолжување да се донесе по скратена постапка. Според него, тоа е недозволиво бидејќи станува збор за 260 милиони евра, кои заедно со каматите ќе достигнат 320 милиони евра.

„Вие очигледно сте навикнати дека 320 милиони задолжување е ништо, затоа што се задолжувавте и милијарда и милијарда и милијарда, односно за две години 2,5 милијарди, нормално дека ќе барате да биде по скратена постапка“, рече Битиќи за кого, дебатата за  Фискалната стратегија (која исто така беше на дневен ред на Комисијата, пред задолжување е купување на време.

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ,  Бојан Стојаноски, ја обвини опозициската СДСМза спречување на институциите да работат бидејќи денеска со „банални оправдувања“ не овозможиле да почне со работа Комисијата за финансирање и буџет.

„Денес повторно сведочиме на неодговорен и неодржлив пристап од страна на СДСМ, Венко Филипче и целокупната опозиција со банални оправдувања дека немало место каде да седнат и слични изговори, само за да не започнеме со работа на Комисијата за финансирање и буџет. Со денови Венко, СДСМ и целата опозиција го проблематизираат заемот, па кога побаравме да биде прва точка на дневен ред и веднаш да ги соочиме аргументите – тие избегаа од соочувањето“, изјави Стојаноски.

Од друга страна, пак, министерката за финансии Димитриеска Кочоска, смета дека најновото надворешно задолжување е под „значително поповолни услови“.

Во интервју за телевизијата „Алфа“ министерката Димитриеска-Кочоска потенцира дека Законот за задолжување кај странските банки, кој што влезе во собраниска процедура, Министерството за финансии испрати барање до 14 банки, од кои понуда дадоа осум. А каматните услови, кои се добиени за кредитот, се многу подобри во споредба со земјите од регинот, што значи дека Министерството за финансии обезбедило конкурентно финансирање.

„Во согласност со буџетот кој беше донесен за 2026 година, јасно беше наведено дека имаме план за задолжување од 1 милијарда и 300 милиони евра на странски пазар, од кои 1 милијарда евра издавање на еврообврзница, што и го направивме на почетокот на годината, а преостанатите до 300 милиони евра дополнително исто така на надворешен пазар. Во тој процес добивме понуди од осум банки и најповолната понуда е со каматна стапка пониска од онаа што моментно ја има обврзницата што се тргува на секундарниот пазар – изјави Димитриеска-Кочоска.

Таа потенцира дека во споредба со регионот Македонија обезбедува пониски трошоци на задолжување и подолг рок на отплата, што ја позиционира државата во поповолна финансиска позиција.

„Црна Гора на петгодишниот кредит има каматна стапка од еурибор плус 2,5 проценти, ние за седумгодишен кредит добивме еурибор плус 2,1 процентен поен. Романија во периодот кога ние издававме еврообврзница имаше каматна стапка што беше повисока од нашата, некаде над 5 проценти беше нивната каматна стапка“, истакна министерката.

Според законот за задолжување, кредито на Македонија го дават КфВ ИПЕКС-Банк ГмбХ (KfW IPEX-Bank GmbH), Банко Билбао Визкаја Аргентариа, С.А. (Banco Bilbao Vizcaya Argentaria, S.A.), Ерсте Гроуп Банк АГ (Erste Group Bank AG), АКА Аусфухкредит-Гезелшафт мбХ (AKA Ausfuhrkredit-Gesellschaft mbH) и Mерил Линцх Интернатионал (Merrill Lynch International).

За целите на ова задолжување, Mерил Линч Интернатионал (Merrill Lynch International) e во својство на Аранжер (Arranger), додека Глобал Лоан Агенси Сервисес Лимитед (Global Loan Agency Services Limited) e во својство на Агент,

Средствата од заемот од членот 1 од овој закон се наменети за општи буџетски потреби, вклучително и за финансирање на капитални расходи и рефинансирање на обврски утврдени во Буџетот на Република Северна Македонија и Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2026 година, се вели во образложението на законот за задолжување.