Што треба да знаеме за правдата


ГОРАН АДАМОВСКИ

Рочиштето за случајот каде што на пратеник му се суди за изборни нерегуларности се одложува затоа што пратеникот треба да присуствува на координативна средба кај претседателот на Собранието. Оваа вест што вчера излезе од зградата на Кривичниот суд во Скопје е сè што треба да знаете за начинот како функционира правната држава.

На народниот избраник, чие име е најмалку битно, сосема му е јасно дека политичката моќ што ја има му е подобар бранител од сите адвокати и не се труди да ја сокрие. Напротив, јасно става до знаење дека одењето на рочиштата му претставува проблем затоа што не можел да си ја врши работата во Собранието. Тој е координатор на една од политичките партии на власт и веројатно се подразбира дека осудителна пресуда против него не доаѓа предвид. Па, штом судењето е театар, дозволени се и комични примеси. Или трагични, во зависност кој како ја сфаќа правдата.

А, правдата во Македонија одамна никој не ја сфаќа сериозно. Таа служи единствено за поткусурување и како дополнително средство за притисок при остварувањето на поважните политички цели. Акцентот, секако е ставен на политичарите.

Кога се тие во прашање, логично изгледа кога некој осуден за тероризам ќе добие амнестија, море и закон ќе се скрои само за него, затоа што неговите два прста се исклучително важни во парламентот. Нивните барања за одлагања за одење во затвор и купувањето време до немајкаде се толку реални што судиите немаат друг избор освен да ги прифатат. Нивните причини за нови и нови прекинувања на рочиштата со најбанални оправдувања стануваат толку секојдневни што вест е ако судењето навистина се одржало. На крајот, нивното соочување со правдата изгледа како соочувањето на дете со продавница за играчки, а не со стоматолог.

Разочарувањето кај граѓаните од правната држава веќе не се ни доживува бидејќи се претвори во неподнослива апатија, а тоа би требало да ги загрижи оние што ги креираат општествените процеси. Кога граѓаните не веруваат во капацитетот на сопствената држава, излезот ќе го бараат или надвор или ќе останат дома, но ќе се обидат да станат дел од системот каде што одговорноста е исчезната категорија. Едноставно кажано, да ги прифатат правилата на играта.

Сигурно дека за враќање на вербата во правосудството не помага ниту кога ќе слушнете дека судењето за големи и важни процеси, во кои се инволвирани низа (поранешни) функционери, се одложуваат и презакажуваат поради отсуство на судија или на обвинител. И тоа тамам кога никој од обвинетите конечно не е болен или нема друга поважна работат во моментот отколку да дојде во судот каде што му се товари криминал. Или кога притворен во затворот не добива покана за судење, па рочиштето не се одржува.

Тука веќе почнува да игра сомнежот дека во таа непристојна збирштина од криминал, моќ, влијанија, интереси и политичка заднина се влезени сите, вклучително и оние што се директно одговорни за правдата.

За правдата по сè изгледа нема место во ова општество. Таа ќе почека некои други времиња. За неа можеби има надеж, особено ако се знае дека е малку побавна. Нема за нас, обичните граѓани.