Што призна Заев


ЕРОЛ РИЗАОВ

Сè помалата самодоверба на Владата и сè поагресивните наследници на груевизмот во врвот на опозицијата создаваат клима на неизвесност и загриженост, наместо реформски амбиент толку неопходен пред отпочнување на преговорите со ЕУ. Големите кадровски промени се јасно признание на премиерот Зоран Заев дека работите не одат напред со посакуваната брзина. Но прашање е дали персоналните промени во редовите само на власта, која е најодговорна за вкупните состојби во државата, се вистинското решение.
Пострежимскиот период во изминатите две години се покажа многу потежок отколку што претпоставуваа и најголемите оптимисти. Достигнувањата со уривање на евроатлантските бариери се обезвреднуваат пред анахроните рецидиви на 11-годишната вмроизација кои во суштина се антидржавни, штедро помогнати од лажните вести, но и од грешките на новите власти.

Пречувствителноста на критиките на секоја и најбанална одлука ја прават Владата сè поанемична, најмногу посветена самата на себе, без неопходната решителност и без поголема сугестивност дека се движиме во правилна насока – што е несоборлив факт, но не доволно широко разбран. Во демократските општества нема ништо понормално од критиките на власта и на центрите на моќ што е од голема помош на институциите на системот и за создавање критичка свест во јавноста. Меѓутоа, една реконструкција на владиниот кабинет и поширокиот зафат на кадровски промени, досега направени десетици пати безмалку од сите премиери, се напумпа во очекување небаре се подготвува чудо кое на волшебен начин ќе направи пресврт не толку во реформите, колку во односите со јавноста, Владата да стане омилена.

Таа опсесија за популарна влада го одвлекува вниманието од крајната цел со една самоубиствена лажна поделба дека станува збор за успеси во надворешната политика, а не првенствено историски чекор за внатрешна стабилност на земјата. Преспанскиот договор и тој со Бугарија не се само надворешно-политички прашања, кои на ужасна штета на државата и нејзината иднина „успешно“ се проблематизираат, туку пред сè се внатрешно-политички цврсти темели за опстанок и непречен развој. Без решение на овие предуслови беше отворен патот само кон распаѓање на Македонија. Прво тоа мора да се разбере како неопходност, па сè друго.
Чувствителноста на критиките, но и на неодмерените и еуфорични пофалби, ја оддалечија Владата во односите со јавноста. Така, соборувањето по демократски пат на Никола Груевски и неговата страховлада, Преспанскиот договор и подобрувањето на односите со сите соседи, ја губат силината на историското значење, особено со јавното лицитирање на датумот за отпочнување на преговорите со ЕУ, за што голема грешка покрај Брисел има и самата Влада и премиерот. Критиката кон лидерите на старата Европа од страна на домашните и светските медиуми беше оправдана и многу значајна да се создава амбиент на Запад дека Македонија со неколкумесечното одложување на одлуката е онеправдана. Но немаше никаква потреба од носителите на власта да се создава клима на разочарување и на измама од страна на Брисел. А од опозицијата сè уште слушаме невидено лицемерство на божемна загриженост што не сме добиле датум во јуни.
Да се потсетиме какви беа реакциите на дел од јавноста само пред една година кога се тврдеше дека нема никогаш да влеземе во НАТО, дека е тоа голема лага за наеднаш кога изгледноста за членство во Северноатлантската алијанса стана реалност сите да замолкнат. Противниците на членството во НАТО видно ослабени ја сменија плочата и почнаа да проповедаат дека не ни треба тој сојуз со злосторничка воена машинерија која го контролира светот и предизвикува воени кризи.

Така ќе биде и со ЕУ кога на тазе намножените евроскептици ќе им стане јасно дека преговорите ќе почнат само по неколку месеци. Тогаш темите за предизборни кампањи и за освојување на власта ќе се префрлат на теренот на домашната политичка сцена. Тоа би било добра опција за влез во нормалноста доколку опозицијата успее да се ослободи од криминогениот баласт од 11-годишното владеење без контрола и ако Владата порешително се зафати со реализација на остварените предности, а тоа пред сè се евроатлантските интеграции и добрите односи со соседите, економскиот раст кои истовремено означуваат изградба на економски и политички стабилна држава. Сè е содржано во 35 поглавја на Брисел кои треба да се вградат во практиката, а пред тоа и во свеста на граѓаните дека се ѕида нова држава со европски вредности.
Ако продолжи Владата да се тресе од страв по секоја критика и по секое отворено или затворено писмо, по секоја и најмала кадровска промена, по секој протест за која било стопанска активност и изградба на што било, тоа само ја потврдува тезата за изгубената самодоверба. Нема идеална власт никаде во светот. Успешноста на промените се гледаат по резултатите, а не однапред.
Во пострежимски период сосема се разбирливи реакциите на јавноста по долги години ослободена од стегите и од стравот. Деновиве кога се соопштија промените во Владата, човек не може, а да не се потсети барем на една од изнудените оставки и разрешувања на министрите во владите на Груевски. На пример, некогашниот министер за финансии Трајко Славески, никогаш не ѝ приопшти на јавноста отворено кои беа причините на неговата смена, а сега е многу активен во претпоставките за смената на колегата Драган Тевдовски. Славески тогаш ја прифати одговорноста да биде во партискиот врв на најкорумпираната власт како надомест за молкот по разрешувањето.

Оставката на и вицепремиерот за евроинтеграции Ивица Боцевски е уште покарактеристична. Боцевски храбро се повлече сам бидејќи немал што да работи повеќе во Владата која, замислете, не сака влез во НАТО и ЕУ за набргу да ја свитка опашката и да чека амбасадорско место. Така, по храбрата одлука, со сервилност стаса до Бразил. Професорите им покажаа на своите студенти и ученици дека во Македонија е поисплатливо да молчиш, отколку да ја кажеш јавно вистината. Маките на министерот за финансии Зоран Ставрески со „лудаците во владата“ се познати од прислушуваните сведоштва.
Една работа мора да се има предвид кога сте на власт. А тоа е дека министерот за финансии и гувернерот на Народната банка мора да бидат најнезависните и најхрабрите луѓе кои не попуштаат пред дневно-политичките потреби на владите. На гувернерот му е малку полесно отколку на министерот за финансии, бидејќи не е во Владата и го именува и разрешува Собранието на предлог на претседателот на државата. Додека министерот за финансии е во потешка позиција бидејќи финансиските текови и буџетската потрошувачка се крвотокот на државата, особено во Македонија која речиси целосно е буџетска и од чие виме цицаат сите, не само државни, туку и приватни компании.

Со смената на министерот за финансии Тевдовски и со преземањето на тоа министерско место од страна на премиерот, времено или подолго сеедно, можни се побрзи одлуки по сила на двојната позиција, но држи и тоа дека Заев со тој чин би се впуштил во голем ризик. Излегувањето во пресрет на бизнис заедницата, ако е тоа во прашање, а многу мириса на тоа, за побрзи финансиски интервенции на владата со буџетски пари колку и да е примамливо, без доволна внимателност може да предизвика ломови со несогледливи последици. Големиот интервенционизам на државата, поточно на владата, врз финансиските текови без да се почитуваат економските закономерности, може да ги урне сите успеси на Заев и на Владата. И обратно, доколку министерот премногу ригидно ги толкува и следи финансиските текови, тогаш неговата смена е неминовност. Но и во тој случај се поставува нов компетентен министер за финансии кој и натаму тврдоглаво, во позитивна смисла на зборот, ќе ја применува економската закономерност.
Кога во Владата, премиерот, односно првиот министер е и втор, колку и да е практично и законски, не е добар предзнак.