Што предвидува идната соработка меѓу Македонија и Бугарија

Соработката меѓу двете земји треба да се постави на некаква прецизна и побрза лента. Дел од таа соработка треба да почне кога ќе почнат и преговорите на Македонија со ЕУ


Добар почетокот на двајцаата нови премиери. Ќе видиме како понатаму ќе се развиваат работите

 

Посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје и најавената заедничка седница на двете влади на 25 јануари во Софија се јавниот политички дел од очигледно подолго време подготвувана деескализација на односите меѓу двете држави и поставување на соработката на нов колосек. Тоа, во крајна линија би требало да доведе до кревање на блокадата на Софија, иако е рано да се предвидува кога и како може да се случи тоа. Петков денеска во Софија изјави дека „посетата на Скопје беше огромен успех – од една страна подадовме рака, прво отидовме таму, од друга страна тие испратија нота до ОН што се надевавме дека ќе ја добиеме две години“. Но познатиот политички научник и аналититичар Димитар Бечев во колумната што ја објавува „Независен“ вели дека „проблемот е што Петков може да се покаже за премногу слаб за да ја води оваа битка во Софија“.

Слаб или не, работите на одреден начин тргнаа и прашање е до каде ќе стигнат. Она што е јавно познато е дека ќе се формираат пет работни групи (меѓу кои и за историјата) кои треба на месечно ниво да покажат соодветни резултати. Она што е помалку познато е дека во изминатиов период е направена цела лепеза на динамиката како треба да тече приближувањето. Не е познато дали тоа го направиле сами двете страни или има и некаква помош од страна.

Во таа акциска динамика има повеќе интересни работи. Еве повеќе од нив:

Во областа на одбраната ќе почнат разговори за учество на бугарските воздушни сили во заштитата на воздушниот простор на Македонија. Таков договор Македонија има со Грција и нејзините авиони, како што беше и неодамна над Скопје, учествуваат во заштитата на македонскиот воздушен простор. Договорот со Бугарија за оваа соработка треба да биде потпишан во скоро време.

Во овој одбранбен дел се предвидува и обука на воени лекари во Бугарија, потоа обука на офицери во бугарските воени училишта и заедничко учество во одбележување на значајни датуми од воените празници.

Посебно место е предвидено за европската интеграција на Македонија. Бугарија на свој трошок ќе испрати експерт кој ќе ги советува македонските власти за европската интеграција, но тоа ќе се случи кога ќе започнат пристапните преговори со ЕУ. Во тие рамки ќе се помага во имплементирање на европските нормативни документи во областа на културата, во животната средина, размена на искуства и техничка помош за основните столбови на економската политика и помош во учеството на малите и средни претпријатија во програмите на ЕУ. И таа соработка ќе биде кога ќе почнат пристапните преговори со ЕУ.

Во енергетика во наредните три месеци треба да се постават основите за изградба на нова врска за пренос на природен гас меѓу двете страни, надвор од сегашниот кој ги поврзува Ѓуешево и Жидилово. Тој би бил на потегот меѓу Струмица и Петрич. Оваа активност треба да ја реализираат „Булгартрансгас“ и Македонски енергетски ресурси. Македонија треба да ја смени својата нормативна уредба, со цел да гарантира организација на пазарот на природен гас соодветно на барањата на Третиот енергетски пакет на ЕУ.

Прекуграничната соработка треба да добие нова динамика: експертска група итно да ги утврди техничките параметри за отворање на граничниот премин „Клепало“, што долго време го бара Македонија, бидејќи од наша страна се завршени речиси сите работи. Македонија да назначи свои претставници во рамките на иницијативата „Европа поблиска до граѓаните“, која е наменета за регионално и локално ниво.

Има поглавја за соработка во културата, образованието и науката, а особено во здравствената заштита; за одржување редовни седници на Меѓувладината комисија за економска соработка, потоа за размена на искуства во небанкарскиот финансиски сектор, туризмот, медиумите, претприемништвото, социјалната политика, младите и спортот…

Ова би требало да значи дека двете земји ќе развијат широк спектар на соработка. Дали тоа конечно ќе доведе до кревање на бугарската блокада во најголема мерка ќе зависи од распоредот на политичките сили во Софија и нивната волја. (Н.В.)