Што ќе прават банките со 250 милиони евра што ги „ослободи“ Народна банка


Намерата е јасна – банките да ги употребат парите за кредитирање на населението и на фирмите, или пак, што е многу поизвесно – да купуваат државни записи и на тој начин да ја кредитираат државата, односно Буџетот

Мирче Јовановски

Народна банка вчера повлече уште еден смел потег со кој во економијата ќе се насочат дополнителни 7 милијарди денари или околу 113,8 милиони евра, но истовремено им даде сигнал на банките да ги поевтинат кредитите намалувајќи ја референтната камата на историски најниски 1,5 отсто. Ова доаѓа само еден месец откако во април Народната банка исто така ја намали референтната каматна стапка од 2 на 1,75 отсто, но и ја намали понудата на благајнички записи кои ги купуваат банките за 8 милијарди денари (околу 130 милиони евра), со што овозможи овие пари да се слеат директно во економијата или посредно преку Буџетот, со купување на државни записи што ги издава Министерството за финансии.

Практично, за само еден месец Народната банка ослободи речиси 250 милиони евра, или повеќе од половината од вкупниот износ (400 милиони евра) кој банките обично го чуваат кај централната банка во вид на благајнички записи, што е до сега незабележан потег на монетарните власти за олабавување на монетарната политика.

Намерата е јасна – вака ослободените пари банките да ги употребат за кредитирање на населението и на фирмите, или пак, што е многу поизвесно – да купуваат државни записи на аукциите што ги организира Министерството за финансии и на тој начин да ја кредитираат државата, односно Буџетот.

Таму парите секако ќе бидат добродојдени бидејќи како резултат на ставањето под клуч на многу од економските активности во земјава изминатите два месеци, приходите по разни основи значајно се намалија – според Министерството за финансии буџетските приходи во април беа помали за 20 отсто во споредба со април минатата година, а од почетокот на годината заклучно со април наплатата на приходите во Буџетот беше за 4,9 отсто пониска во однос на истиот период лани.

Намалувањето на референтната камата за 0,25 процентни поени е уште позначајно ако се има  предвид дека е трето по ред од почетокот на годината (другите две беа во јануари и во март, исто така по 0,25 процентни поени). На крајот на минатата година оваа каматна стапка беше 2,25 отсто, што значи дека кумултаивно, за нешто повеќе од четири месеци таа е намалена за една третина.

Релаксирана монетарна политика

Банкарите велат дека референтната каматна стапка е ориентир кој покажува како треба да се однесуваат во одредување на каматните стапки.

„Самиот збор ‘референтна’ кажува дека стапката се користи од страна на централната банка за спроведување на целите на монетарната политика, меѓу кои главната е одржување ценовна стабилност. Преку продажбата на благајнички записи Народна банка ја акумулира преголемата ликвидност на пазарот, а преку стапката упатува монетарни сигнали до банките и на тој начин настојува да влијае врз висината на нивните активни и пасивни каматни стапки“, објаснуваат банкарите.

Од своја страна, Народна банка во соопштението до медиумите истакна дека „ова релаксирање на монетарната политика се очекува да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките, како и за обезбедување дополнителна ликвидност во банкарскиот систем, којшто соодветно ќе може банките да ја искористат за поддршка на домашната економија преку зголемување на кредитната активност и ублажување на ефектите од негативниот шок врз домашната економија“.

Но, прашање е колку овој јасен сигнал за поевтинување на парите целосно ќе го следат банките. Еве што напиша еден економист пред две години, при намалување на основната каматна стапка на Народната банка кога условите во економијата беа многу поповолни од сега:

Ако историјата може нешто да нѐ научи, тогаш тоа е дека македонските банки нема да чекаат многу со намалување на каматните стапки на депозитите. Од друга страна висината на каматните стапки на денарски кредити бележи одредено временско задоцнување во однос на промената на каматната стапка на благајничките записи, а во последните години се намалува и покрај непроменетата референтна стапка. Тука мора да се напомене дека при донесување одлука за промена на активните каматни стапки, најважен фактор освен трошокот на рефинансирање, е кредитниот ризик и висината на очекуваниот поврат на капитал. Токму кредитниот ризик игра одлучувачка улога при одлуката на банките да ги финансираат македонските компании. Во Македонија се уште владее политичка неизвесност и ризик, а стапката на нефункционални кредити кон компании бележи раст. Оттаму вистинското прашање не е дали ќе се намалат каматните стапки на кредити, туку дали намалената реферантна каматна стапка е доволна причина да ги натера банките да го пласираат вишокот ликвидност кај македонските компании? Одговорот е не“, вели тој во анализа објавена на социјалната мрежа Линкдин.

Банарите, пак, стандардно велат дека ги анализираат мерките што ги донесе Народната банка и како и до сега ќе ги следат нејзините сигнали. Но, додаваат дека во практичната реализација овој пат ќе наидат на нови предизвици. Од една страна, со мерката за одложување на обврските на корисниците на кредити (граѓаните и фирмите), што според официјалните податоци, ја прифатиле повеќе од две третини (или околу 70 отсто) од корисниците на кредити, на банките им е значајно стеснет просторот на потенцијални кредитобаратели.

„Нема логика да се нуди кредит некому што побарал да ги одложи обврските шест месеци“, велат банкарите.

Вишокот ликвидни средства што сега ќе им остане на располагање, можеби нема да можат целосно да го насочат ниту кон државни записи бидејќи повеќето банки имаат ограничувања колкав дел од парите можат да вложат во некој инструмент. Па, така, може да се случи дел од парите да остане целосно неискористен, укажуваат банкарите.

Политички игри

Користењето на благајничките записи како инструмент на монетарната политика во изминатиот период се исполитизира, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во неколку наврати, игнорирајќи го фактот дека Народна банка е независна институција, побара целиот износ кој банките го чуваат во овие хартии од вредност (околу 400 милиони евра) да се искористи за намалување на економските последици од корона кризата.

Мицкоски, не криејќи го задоволството, вчера преку Фејсбук ѝ честита на Народна банка за тоа што, како што вели, веќе втор месец го спроведуваат неговиот предлог, како и дека банките и владата можат да ги користат овие 250 милиони евра за помош на стопанството и редовно сервисирање на обврските од буџетот кон граѓаните.

Прво те игнорираат, потоа ќе те исмејуваат, па те напаѓаат, следно те копираат и на крај – победуваш“, порача Мицкоски.

Но, економистите се многу попретпазливи од политичарите кога станува збор за користењето на благајничките записи на ваков начин. Пред помалку од еден месец Македонската академија на науките и уметностите излезе со неколку стручни трудови во кои се осврнува на актуелните економски и политички прашања во земјава. Во анализата на монетарната политика и осигурувањето на стабилноста на финансискиот систем, академик Таки Фити (кој своевремено беше и министер за финансии), меѓу другото посочува дека „Народна банка и Владата треба да бидат крајно претпазливи со идејата за користење на средствата од благајничките записи за други (фискални) цели“.

Во тешки времиња во економијата, и не само во економијата, се јавуваат нови идеи. Иако економистите веруваат во нови идеи (Ideas matter), мислиме дека секогаш е неопходна доза на претпазливост, бидејќи неадекватните, погрешните идеи, понекогаш, може да направат повеќе штета отколку добро, вели академик Фити во анализата.

Притоа, објаснува дека Народна банка ги користи благајничките записи како класичен банкарски инструмент за управување со ликвидноста во економијата и, индиректно, и за заштита на курсот на денарот.

Не смее да се заборави дека ние практикуваме монетарна стратегија на de facto фиксен курс и дека нашата Народна банка него го брани со сите расположливи средства. Мислам дека, сега, не е време и не е добро да се ‘чепка во овој инструмент“, вели академик Фити. Тој додава дека кога го сугерира ова, ги има предвид аргументите дека благајничките записи се краткорочни хартии од вредност кои ги издава НБ и која на имателот на записите им гарантира дека ќе му ја исплати номиналната вредност на којашто гласат благајничките записи и договорената каматна стапка, во рокот на нивното достасување. Потоа, дека парите кумулирани во Народната банка врз основа на благајнички записи не може да се трансферираат во Буџетот туку само до нивните сопственици (во овој случај, ефектот би бил зголемување на кредитниот потенцијал на комерцијалните банки).

Иако, засега, не постојат инфлаторни притисоци во македонската економија, а верувам дека тоа ќе остане така, со оглед на намалувањето на цената на нафтата на светскиот пазар, засега не гледам никаков резон за евентуално активирање на ваквата мерка“, пишува во анализата академик Фити.

Волшебна формула

Тој од друга страна ги пофали останатите мерки што донесе Народна банка (намалената основна каматна стапка, намалената основа за обврските за задолжителна резерва на комерцијалните банки во денари за износот на новоодобрени и реструктурирани кредити на најпогодените економски сектори; укинатите трошоци за подигање и за враќање на ефективни пари од трезорот на Народната банка, Уредбата за промена на договорените услови за кредитите на засегнатите граѓани и фирми и сл.), кои смета дека се „добри и прудентни мерки, дури и покрај фактот што одговорот на комерцијалните банки на промената на основната стапка на Народна банка, кај нас не е толку силен како што е тоа случај во високоразвиените пазарни економии.

Овој пат промената на референтната каматна стапка и ослободувањето на ликвидни средства за банките преку помал износ на аукцијата на благајнички записи, од Народна банка беше проследен и со дополнителни промени. Со нив, како што се вели во соопштението од седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка, централната банка ќе им овозможи на банките поголем пристап до ликвидност, доколку во следниот период се појави таква потреба, што индиректно отвора и дополнителен простор за зголемена кредитна поддршка на економијата.

Поконкретно, со овие промени се прошири опфатот на хартиите од вредност коишто Народна банка може да ги прифати од домашните банки како инструменти за обезбедување денарска ликвидност во банкарскиот систем. Така, при спроведување на монетарните операции за откуп на хартии од вредност на привремена или дефинитивна основа, Народната банка ќе може да ги прифаќа и домашните државни обврзници со најдолга рочност (15 и 30 години), како и еврообврзниците издадени од страна на државата на меѓународните финансиски пазари, коишто се во сопственост на домашните деловни банки“, соопштија од Народната банка.

Во посочената анализа на Линкдин има уште еден интересен податок – во 2017 година, кога банките забележаа профит од 106,5 милиони евра, 14,2 милиони се должат на каматниот приход заработен од благајничките записи.

Формулата за успех наречена: избегнувај кредити кон компании, дели потрошувачки кредити кон домаќинства и купувај благајнички записи одлично функционира за банките, оттаму зошто да се отстапува?“, се вели во анализата.

Овој пат, очигледно, таквата формула нема да функционира. Прашање е само дали некому ќе му се посреќи од тоа.