Што ќе донесат изборите во Косово?

ЃОРЃИ СПАСОВ

 

За два дена на Косово ќе заврши изборната кампања за новите предвремени парламентарни избори што ќе се одржат на 6 октомври.

Пред новите избори изборниот пејзаж во Косово е значително изменет. Партиите од поранешната коалиција ПАНА на воените команданти на ОВК (Харадинај, Вејсели и Лимај), кои ја формираа владата по изборите во 2107 година, овој пат настапуваат сами.

За 100 места во парламентот ќе се борат Демократската партија на Косово (ПДК) на Кадри Вејсели, кој на таа функција дојде по изборот на Хашим Тачи за претседател на Косово во 2016 година, Алијансата за иднината на Косово (ААК) на сегашниот премиер Рамуш Харадинај, која настапува во коалиција со Социјалдемократската партија на градоначалникот на Приштина, Шпенд Ахмети, Социјалдемократската алтернатива за Косово (Нисма) на Фатмир Лимај, која настапува во коалиција со Новата алијанса за Косово на Беџет Пацоли, Движењето Самоопределување (ВВ) на Албин Курти и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на Иса Мустафа, кој единствено кандидира жена за премиер на Косово.

Преостанатите 20 места во парламентот, според изборниот закон на Косово, се пополнуваат од листите за пратеници истакнати од етничките партии. И тоа: од партиите на Србите (10 пратеници) од партиите на Ромите, Ашканатите и Египќаните (четири пратеници), од партиите на Бошњаците (тројца пратеници) од партиите на Турците (два пратеника) и од партиите на Гораните (едно место).

Во Косово се гласа според пропорционалниот принцип, при што цело Косово е една изборна единица. Изборниот праг за влегување во парламентот на некоја од партиите е пет отсто. Се гласа на отворени листи на кои секој граѓанин има право да заокружи до пет пратеници од листата за која гласа. А во собранието од таа листа влегуваат оние пратеници што освоиле најголем број гласови, независно од местото на кое се нашле на листата. Бројот на пратениците што добиваат мандати од секоја листа се пресметува според Санлагеовиот модел.

Граѓаните со право на глас од дијаспората, за кои на Косово се тврди дека се околу еден милион, имаат право да гласаат по пошта, ако се пријават на време за гласање. Но одѕивот на избирачите не е голем. На изборите во 2017 година излегле 41,3 отсто од запишаните над 1,8 милиони избирачи во избирачкиот список, а од дијаспората во 2017 година се пријавиле за гласање само 20 илјади граѓани, од кои само 15 илјади го искористиле правото на глас

Во кусата изборна кампања, која трае само 10 дена, сите лидери на политичките партии истакнуваат дека најважниот проблем што ќе треба да го реши идната влада е постигнување договор со Србија и обезбедување на меѓусебно признавање како услов за конечна стабилизација на Косово. Но ова не е едноставна задача.

Во моментов се прекинати разговорите меѓу Србија и Косово за нормализација на односите. Нивното продолжување Србија го условува со укинување на воведените царини од страна на Косово за производите од Србија, а Косово одолева на притисокот на САД и на ЕУ за укинување на царините и бара од Србија признавање на независноста на Косово.

Граѓаните на Косово очекуваа дека независноста на Косово ќе биде заокружена уште во 1999 година, па потоа со сигурност во 2008, но изгледа работите одат наназад, а не нанапред.

Пет земји членки на ЕУ (Грција, Кипар, Шпанија, Романија и Словачка) сè уште ја немаат признаено независноста на Косово, а под притисок на Србија и Русија 13 земји го повлекоа признавањето на Косово.

За време на гласањето за членство на Косово во Унеско 50 земји гласаа против, а против приемот на Косово во организацијата Интерпол гласа 51 држава и уште 16 беа воздржани.

Косово сè уште не ја добива ниту ветената визна либерализација, иако го испорача барањето со двотретинско мнозинство во парламентот да го ратификува договорот за демаркација на границата со Црна Гора.

Меѓу граѓаните сè повеќе е раширено чувството дека САД и ЕУ го оставаат Косово без потребната поддршка и се создава конфузија околу идејата за корекција на границата со Србија како еден од можните начини за нормализирање на односите.

Засега, главно, сите партии се против „корекции“ на границата со Србија, а Рамуш Харадинај излезе и со изјава дека „Овие избори се референдум за непроменливоста на границите на Косово“. Таа идеја не ја исклучуваат САД, ако тоа доведува до траен договор меѓу Србија и Косово за меѓусебно признавање, а Германија и Франција ја сметаат за мошне опасна за Балканот.

Разочарани од слабата поддршка од САД и од ЕУ, опозиционерите изјавуваат дека Косово не може да си дозволи да има политичари кои тврдат дека „немаме потреба од своја надворешна политика сè додека сме во истиот клуб со САД“, како што изјави премиерот Рамуш Харадинај. Тие сметаат дека Косово мора во меѓународните односи да почне да се однесува како суверена држава, со своја независна политика, која не би била во конфликт со политиките на западните сојузници, но која и не би била целосно сервилна кон нив.

Испитувањето на јавното мислење во Косово од страна на Националниот демократски институт во март оваа година покажува дека на овие избори граѓаните најмногу поддршка ќе им дадат на оние партии и лидери кои ќе им гарантираат решавање на двете клучни прашања за нив. А тоа се справувањето со невработеноста и борбата против криминалот.

Според официјалните податоци на државниот завод за статистика на Косово, земјата во изминатите 10 години остварува раст на бруто-националниот производ во висина од 4 отсто годишно. Овој раст на економијата, според аналитичарите, се должи пред сè на големите инвестиции во изградбата на патната мрежа, во која се инвестирани 2,5 милијарди евра и на парите што во земјата стигнуваат од многубројната албанска дијаспора. Но, и покрај овој стабилен економски раст, стапката на невработеност на Косово е околу 30 отсто. Околу 100 илјади млади луѓе со помалку од 24 години, кои не студираат или не одат на училиште, се невработени. А во последните пет години околу 170 илјади лица, или малку под 10 отсто од населението на Косово, ја напуштиле земјата во потрага по работа и подобар живот.

Земјата троши многу пари за увоз на електрична енергија и за лекување на своите граѓани во странство. Истовремено, 25 отсто од популацијата на Косово сè уште нема пристап до чиста вода за пиење додека околу 45 отсто од граѓаните немаат функционален канализациски систем. Во голем број училишта сè уште има по 40-ина деца во еден клас и тоа се сериозни проблеми што ги загрижуваат граѓаните.

Но поголем проблем од сиромаштијата за граѓаните е криминалот. Според истражувањето на БИРН, и покрај тоа што борбата против криминалот и корупцијата е еден од условите за визна либерализација, таа борба на Косово не се води како што треба.

Голем број функционери се осомничени за воени злосторства од судот во Хаг, има многубројни обвинувањана на високи функционери за криминал и корупција, но сите завршуваат со благи или ослободителни пресуди, а на ниту едно лице осудено за криминал и корупција не му е одземен имот.

Политиката врши силен притисок врз обвинителството и судството, а општ впечаток е дека владее „тендерманија“ и дека тендерите масовно се местат со цел државниот буџет да се троши за лични цели и заработки.

Според анкетата на НДИ од март 2019 година, само 14 отсто од граѓаните одговориле дека Косово се движи во правилна насока, 55,7 отсто сметаат политичарите немаат волја да се борат против корупцијата затоа што од неа имаат корист, само 23 отсто имаат доверба во владата, 22 отсто во партиите, 23 отсто во претседателот и 23 отсто во судството.

Оттука, изборите во Косово се очекуваат со нова надеж за промени за излез од еден вид општа блокираност на општеството од внатре и од надвор. Дали тоа ќе се случи и кој ќе го понесе товарот за состав на нова влада ќе се знае веќе за неколку дена.

Според досегашните малобројни испитувања на изборното расположение во Косово, најголеми шанси за победа на изборите ѝ се даваат на партијата Самоопределување на Албин Курти, која е веќе 10 години во опозиција. Таа на овие избори настапува со омекната реторика по сите прашања за кои порано беше позната по своите радикални ставови. Но прашање е дали ќе има коалициски потенцијал за состав на влада.