Што ќе биде следниот изговор на Макрон?


Ќе стане ли Франција единствената земја која двапати ѝ ставила вето на Македонија – еднаш застанувајќи зад Грција во НАТО во 2008 година и сега упорно одбивајќи да ја награди земјата за Преспанскиот договор и чекањето 25 години да направи суштински чекор кон ЕУ? Во пресрет на состанокот на амбасадорите во Брисел денес и на министерскиот состанок утре во Луксембург, сите очи се свртени кон Париз и кон резултатите од вечерата на францускиот претседател Емануел Макрон со германската канцеларка Ангела Меркел, на која покрај „Брегзит“, требаше да разговараат и за датумот на Македонија.

Она што внесе дополнителна неизвесност е најавата од Франција дека сака да поднесе предлог за нова методологија во преговорите за членство, која очигледно нема да има друга улога – освен да ја одложи одлуката за Македонија „некаде за 2020 година“. Да сакаше да ја смени методологијата, Макрон имаше две години на располагање, па прашањето е – што чекал досега?

Ваквото упорно барање изговори од страна на францускиот претседател за да стави кочница за нашата држава, откако самиот преку видео излезе да нè охрабрува да го изгласаме Преспанскиот договор, ги збунува сите, и кај нас и во странство. Во јуни годинава причина за тоа беа гласањата во германскиот и холандскиот парламент, лани во јуни причина беа изборите на кои за првпат учествуваше партијата на Макрон (и изгуби од Марин Лепен, иако не ѝ даде датум на нашата држава), претходно изговор беа наводни реформи за кои Париз испрати некаква стратегија за регионот која е со невидлив резултат, а сето тоа откако во Софија, на самитот за Западен Балкан, најави дека – само еднаш ќе ја блокира Северна Македонија. Иако држи објаснувањето на Макрон дека ЕУ треба прво да се реформира, па да се проширува, нејасно е зошто ваквата идеја не ја примени кога се расправаше за преговорите за Србија, а и за какво проширување станува збор кога, судејќи по искуството досега, нам ќе ни треба светлосна година додека станеме членка на Унијата?

Бидејќи нема логично европско објаснување и бидејќи сите други земји членки бараат да се награди Македонија, а уште повеќе да не се дестабилизира со тоа што договорот за името ќе се помножи со нула, има само две логични причини за блокадата на францускиот претседател. Едната е дека тој е премногу слаб политички дома и дека со ваков вид популизам против проширувањето билда рејтинг во Франција, а на штета на нашата држава. Второто објаснување, кое сè почесто се слуша во ЕУ членките, е дека Макрон преку грбот на Македонија бара концесии за своите замисли за Унијата во Брисел, па и дека се одмаздува за ударот што го доби од Европскиот парламент, каде што испрати кандидат за еврокомесар осомничен за корупција. Средбата синоќа со Меркел, според дипломатите, беше последна шанса сепак да се убеди Париз да го смени ставот за нашиот датум.

– Се надеваме дека Париз уште еднаш ќе размисли за својата позиција и дека нема да дозволи да биде изолиран во Европа од внатрешно-политички причини – изјави дипломат во Брисел пред состанокот на двата лидера. Според него, оној што сега ќе го блокира пристапниот процес ќе биде одговорен за можната дестабилизација на регионот и дека блокадата ќе биде особено горлива за Северна Македонија, која се согласи на промена на името за да го откочи процесот на интегрирање во Унијата.

И претседателот на австрискиот парламент Волфганг Соботка викендов предупреди дека секој кој го блокира почетокот на пристапните преговори со двете земји го загрозува европскиот курс на регионот ѝ штети на кредибилитетот на Унијата.

– Кандидатите за членство, Северна Македонија и Албанија, во изминатите години направија важен напредок на патот на правно, политичко и економски приближување на ЕУ. Северна Македонија го заврши спорот околу името со Грција, поради тоа, даде важен придонес во помирувањето и пример е за целиот регион. Понатамошно одложување на почетокот на преговорите би бил целосно погрешен сигнал – порачува во соопштение Соботка, според кого, земјите ги исполниле значајните критериуми за старт на преговорите.

„Ништо нема да се постигне со уште едно одложување, но многу ќе се загуби со создавањето на стратегиски вакуум во југоисточна Европа“, оцени деновиве дипломатски извор во Брисел.

За фамозната нова методологија (која патем во ЕУ се менува речиси со секоја наредна земја што почнува преговори) се огласи и претседателот Стево Пендаровски.

– Ние немаме ниту една причина да се плашиме од евентуално подобрување на критериумите за преговарање бидејќи сме сигурни, не само во изминатиот период туку и во наредниот, дека имаме спремни тимови за преговарање. Верувајте, прилично добро сме подготвени за преговорите, така што и да има измена во методологијата, ние нема да имаме проблем тоа да го следиме. Напротив, со сите ресурси што ги имаме на располагање, човечки и технички, ќе влеземе во таквите преговори и верувам дека релативно брзо ќе ги поминуваме преговарачките поглавја – оцени претседателот. Тој објасни дека го поддржува пристапот да се заострат критериумите при преговарањето, за преговарачките успеси да не бидат формални туку суштински. (С.Ј.)