Несекојдневно и интересно: Учениците од Ново Село во балон ја завршија учебната година
Учениците од општина Ново Село учебната година ја завршуваат со необично и возбудливо искуство. Денеска како воннаставна активност околу 300 ученици во присуство на своите родители имаа можност да летат со балон на топол воздух.
По осум ученици во група беа подигнати на висина до 30 метри во балон на топол воздух поврзан со сајли и имаа можност да ги погледнат прекрасните пејсажи на Беласица и Огражден како и населените места.

За овој едукативно – авантуристички настан одлука донесе Советот на Општина Ново Село.
За таа цел беше ангажирано здружението Македонски авантуристички дисциплини МАД од Скопје кое работи со ваква.
Во следните денови во зависност од атмосферските услови балонот со топол воздух ќе направи прелет над Ново Село од точката над манастирот „Свети Ѓорги“ до Колешино летајќи на надморска височина од две илјади метри.
Целта на проектот според Градоначалникот Ѓорге Божинов е да се збогати понудата со нови туристички содржини кои ги нуди општина Ново Село. Со овој авантуристички и возбудлив проект Ново Село во пресрет на летниот период кога нашите иселеници се враќат во родните места испраќа порака за важноста на сите познати и признати природни локалитети на територијата на Ново Село кои може да се посетат како и археолошките, историски и етнолошки вредности на овој регион од земјата – велат од таму.