Шанса за нов почеток на „Илинденска“


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Вчерашниот 28 јуни е датумот кога двегодишниот владин кабинет на Зоран Заев означи нов почеток – во подновен состав.

Овој петок беше прв работен ден на „Илинденска“ за четворица нови членови на владата, во која и еден стар член премина во нов ресор,  а која, од друга страна, остана засега без министер во еден од најважните сектори и со еден министер без ресор помалку. Тројца од досегашните министри, пак, наводно, по сопствена волја и убедување, заминаа од „Илинденска“, додека други тројца ги напуштија функциите по предлог на премиерот и согласно со демонстрираната волја на парламентарното мнозинство, а беа испратени со крокодилски солзи од парламентарната опозиција.

Тоа е билансот од петдневната „епопеја“ посветена на реализацијата на владината реконструкција. „Метлата“ што премиерот ја најави вечерта на 22 април доживеа фото-финиш ноќта на 27 јуни, откако минатата недела беа соопштени сите имиња што излегуваат и влегуваат во владиниот тим. Оваа временска одредница – од соочувањето со резултатите од првиот круг од претседателските избори до завчера, кога беа избрани новите министри,  е всушност јасен индикатор дека многу полесно беше да се најави чистката отколку да се спроведе на дело.

За разлика од пред повеќе од два месеца, кога јавноста со доверба и големи очекувања ја прими веста за кадровските промени, што и се ефектуираше на резултатот во вториот изборен круг, новите членови на кабинетот на Заев ги почнаа министерските кариери главно во атмосфера на недоверба и спласнати очекувања.  За тоа, секако, во голем дел придонесе однесувањето на челниците на ДУИ во периодот по објавувањето на „метлата“, односно нивните „добронамерни“ укажувања дека министрите од оваа партија не одговарале пред премиерот, туку пред партискиот лидер! На крајот, тој парадокс се покажа и како реалност, ако се има предвид дека целата „штета“ што ја прокнижи Али Ахмети од овој бран кадровски смени е отпишувањето на Хазби Лика од владиниот платен список и отворената можност „невидливиот“ министер уште утре да замине на апанажа, додека можеби чека некоја нова функција.

Исто така, „невидливиот“, ама барем присутен на работното место, Садула Дураки, пак, се смести во сосема нов и политички можеби посензитивен ресор од животната средина. Наспроти тоа, еден друг министер од редовите на СДСМ (Драган Тевдовски), преку чиј ресор, според признанието на премиерот, се спроведувале главните реформи, го спакува куферот и се врати на катедрата на Економскиот факултет. Во Министерството за финансии, пак, остана „куфер“ со сомневања дека смената на Тевдовски е резултат на концепциски и идеолошки разидувања во владата која се декларира како левичарска, односно социјалдемократска, а во чии рамки се создаде впечаток дека првата поголема битка ја доби бизнис-секторот. Да не беше оставен тој простор за повлекување паралели меѓу „великодушноста“ кон Дураки наспроти „неправедноста“ кон Тевдовски, веројатно, и опозицијата ќе имаше помалку аргументи за напад на Заев – преку одбрана на оние кои заминуваат од „Илинденска“, а за кои до вчера ВМРО-ДПМНЕ не штедеше на критики – додека беа во позиција да ги спроведуваат владините политики, односно пред премиерот да реши да им се заблагодари на соработката.

Одолговлекувањето на реконструкцијата и оставањето таа со недели да биде во фокусот на љубопитната јавност, додека на „Бихаќска“ се подготвуваше  терен за прераспределување на кадрите кои ќе треба да заминат од извршната и локалната власт, веројатно е уште една од причините што ја подгреаја атмосферата за априори создавање недоверба кон новите членови на кабинетот. Во тој контекст, дури и обидот на премиерот да се самокандидира за министер за финансии можеби немаше да наиде на толку негативен одиум во јавноста, туку ќе беше прифатен како добронамерен и надежен, доколку беше добро осмислен пред да биде лансиран во јавноста. Наместо тоа, граѓаните за само три дена беа изложени на двојно изненадување – прво со одлуката на премиерот да го „наследи“ Тевдовски, а потоа со наглото повлекување од таа намера.

Со сето ова се создаде перцепција  во јавноста дека власта влече  клучни потези на дневнополитичка основа, наместо добро да го подготви теренот за секој поголем исчекор. Со тоа, наместо реконструкцијата да претставува нов ветар во грбот на владата, по премостувањето на најголемите искушенија и затворањето на најделикатните прашања, таа стана тема што ѝ овозможи на опозицијата да пука во парламентот од сите расположливи оружја. Сепак, Заев стоички, а може да се каже и стоечки ја издржа канонадата од обвинувања, така што цели два дена сам реплицираше на сите забелешки што ги презентираше опозицијата, за третиот ден да продолжи ревносно да одговара и на пратенички прашања. Тоа може да биде и сигнал дека подновениот кабинет, сепак, ќе внесе нова енергија во функционирањето на владата во последната една и пол година пред истекот на нејзиниот мандат.

Досегашниот владин кабинет, всушност, го помина најтешкиот дел од патот, со затворањата на најгорливите теми и со преземањето непопуларни чекори, главно, во делот на билатералните односи и надворешната политика, што, сепак, беа неопходни за враќање на земјата на стратешкиот евроатлантски колосек. Од тој аспект, на подновената влада од старт ѝ е олеснета работата, така што сега ќе може да се посвети повеќе на политики што, меѓу другото, би овозможиле поправање на рејтинзите на владејачките партии што веќе ги покажуваат првите знаци на опаѓање.