„Сен Лорен“ отвори кафуле во свој познат бутик во Париз


Париз – Париз доби уште едно место каде што високата мода, современиот дизајн и омиленото хоби на Французите – кафето, се совршено споени. Имено, француската луксузна куќа „Сен Лорен“ (Saint Laurent) отвори кафуле во рамките на својата позната концептуална бутик-галерија „Рив Дроат“ (Rive Droite), сместена во срцето на француската престолнина. Новото Кафе „Сен Лорен“ брзо ја освои елитата и се претвори во собиралиште за тамошните модели, уметници, естети.

Зад архитектонскиот и визуелниот концепт стои креативниот директор на „Сен Лорен“, Ентони Вакарело. Просторот зрачи со неговата препознатлива естетика, преку комбинација од радикален минимализам, доминантни црни тонови и монохроматска елеганција. Ентериерот е дизајниран со употреба на материјали од врвен квалитет – интензивно црн мермер со дискретни бели шари доминира на шанковите и масите, хромираните и огледалните елементи создаваат суптилен контраст и му даваат на просторот современ, графички изглед, а неонското осветлување дискретно го истакнува препознатливиот монограм на куќата, правејќи секој дел од амбиентот привлечен за објективите на мобилните телефони.

Секој детаљ, од пакувањето за рачен багаж до црните салфетки, е концептуално поврзан со естетиката на бутик-галеријата во којашто се наоѓа кафулето.

Иако беше замислено како место за храна за носење, денес тоа е простор каде што сите со задоволство се собираат, а менито вклучува кафе од највисок квалитет, автентични француски колачи и торти – со цена од пет до 15 евра.