Села ќе се бори за албанскиот јазик и кога ќе стане целосно рамноправен
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, со порака за поддршка на денешниот протест на студентите поврзан со албанскиот јазик, оценувајќи дека борбата за неговата рамноправност мора да продолжи. Во објава на социјалните мрежи, Села вели дека често слуша ставови дека повеќе не треба да се отвора прашањето за албанскиот јазик, но според него тоа е „наметната и опасна теза“.
„До кога ќе се занимаваме со албанскиот јазик?“, прашува Села, по што одговара: „До кога јазикот што се зборува на оваа земја повеќе од 8.000 години не биде целосно рамноправен со јазикот што дошол подоцна на оваа територија.“
Тој додава дека и кога ќе се постигне целосна еднаквост, борбата нема да запре.
„И потоа ќе се занимаваме со него, затоа што е наш, затоа што мислиме, сонуваме и ја градиме иднината на нашиот јазик“, наведува Села.
Во пораката, тој посочува дека јазикот е дел од идентитетот и дека неговото губење значи асимилација.
„Кога ќе го изгубиш, повеќе не постоиш, асимилиран си“, пишува Села.
Тој денешниот датум – 18 мај – го нарекува ден кога „нова генерација ја презема каузата за заштита на албанскиот јазик“, обвинувајќи дека претходно јазикот бил користен за политичка трговија.
„Не за да се тргува со него, не за да се менува за власт“, наведува лидерот на Алијанса за Албанците.
На крајот, Села повика на поддршка за студентските протести.
Од ВЛЕН возвратија дека денес ќе протестираат децата на функционерите на ДУИ.
„Денес гледаме еден политички парадокс: луѓето кои со години ги контролираа институциите, денес преку своите деца протестираат за проблемите што самите никогаш не ги решија. Кога ДУИ имаше министри, пратеници и апсолутна власт, зошто молчеа за овие неправди?“ прашуваат од владината коалиција ВРЕДИ.
Од таму велат дека „никој не е против студентските протести. Но кога студентските каузи се користат за политичко враќање на истрошени фигури, тогаш граѓаните имаат право да се сомневаат. Студентите заслужуваат решенија, а не политичка манипулација“.