Сè тече, само МРТ не се менува…


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА
Ако се прави ретроспектива на случувањата во последните две години, генералниот заклучок би можел да биде дека ова беше доба на длабински и драматични промени во речиси сите сфери на функционирањето на власта и во речиси сите аспекти на политичкиот живот во земјава. Во овие две години, по тешко извојуваната смена на власта на „Илинденска“, земјата, покрај другото, доби и ново име, и подновен Устав, и нов претседател од друга политичка провениенција…
Уште многу работи – добри или не толку добри, што до пред три-четири години се чинеа невозможни или неверојатни, станаа реалност во последните две години. Почнувајќи од враќањето на земјата на евроатлантскиот колосек, по еднодецениските застранувања и застои, па до уривањето на СЈО чии темели мошне тешко се поставуваа во 2015 година…
И кога ќе се сумираат сите крупни промени што за релативно кратко време се случија во оваа мала држава, наспроти процесите што, иако не се толку големи и сложени, и натаму се запрени, резултатот е еднаков на апсурд. Затоа што на крајот ќе излезе дека било поедноставно за само една година да се затвори тридеценискиот спор со Грција, отколку, на пример, да се смени раководството и уредувачката политика на Македонската радио-телевизија за таа да биде вистински професионална и објективна. Ќе испадне и дека е полесно да се обезбеди двотретинско мнозинство за уставни измени за потврда на новото име на државата, отколку, на пример, да се избере ново раководство на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги. И обезбедувањето цензус за избор на претседател ќе се покаже на крајот како полесна операција од изборот на шеф на Државниот завод за ревизија.
Дури и ќе испадне дека било полесно да се приреди филмското бегство на Никола Груевски од правдата во земјава отколку партијата на Зоран Заев да обезбеди мнозинство во парламентот за затворање на кадровските прашања во неколку институции под контрола на законодавната власт, за чиј избор не се потребни ниту 80 гласови – како што, на пример, беа потребни за уставните измени или за донесување на реформските закони од областа на правосудството или безбедносно-разузнавачкиот сектор. Во последните години се покажа и дека е полесно ВМРО-ДПМНЕ да остане во парламентот со десетина пратеници помалку отколку да остане без челната позиција во една од клучните собраниски комисии – таа за избори и именувања, преку која се решаваат сите кадровски прашања во законодавниот дом.
Ако, пак, апсурдите од овој тип се перципираат низ пократкорочна временска рамка, на пример од мај до октомври годинава, би можеле да кажеме и дека германскиот Бундестаг побрзо ја донесе препораката Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ во споредба со македонскиот парламент кој цели две години не успева да избере нов државен ревизор. Или попросто кажано, за две-три недели нашата земја во Брисел веројатно ќе добие датум за старт на преговорите, ама прашање е дали дотогаш во Собранието во Скопје ќе биде деблокирана Комисијата за избори и именувања, а со тоа изборот на нови раководства на Државниот завод за ревизија, на МРТ, на АВМУ…
А она што понекогаш се чини како ситница, може да биде голема работа, особено во политиката и посебно кога е во прашање перцепцијата на гласачите за (не)спроведувањето на одредени политики и предизборни ветувања на партијата или партиите кои ја освоиле власта. Министерот за информатичко општество, на пример, може да изјави уште сто пати дека парламентарната опозиција го кочи изборот на новите раководства на МРТ и на АВМУ. И нема да биде далеку од вистината. Ама со таа вистина тешко дека ќе го побие впечатокот во јавноста дека веќе три години не се остварува едно од ветувањата во изборната програма на владејачкиот СДСМ. На опозицијата, секако, ѝ одговара нејзин човек да остане на челната позиција на јавниот сервис. Ама тоа не значи дека владејачките партии не треба да побараат механизми за да се спротивстават на сосема очекуваниот отпор на опозицијата на промените што се нужни и што ќе се случуваат.
Од друга страна, на опозицијата можеби не ѝ одговара Државниот завод за ревизија да биде нефункционален, затоа што главна цел на овој завод, сепак, се институциите под контрола на власта. Сепак, на опозицијата ѝ одговара, преку блокада на процесите, да покаже дека владејачкото мнозинство е немоќно, без нејзина асистенција да ги спроведува своите политики. Но токму тоа треба да биде поттик за владејачката постава да најде начини, па и нови сојузници, со кои ќе покаже дека нејзините политики се спроведливи и дека не бега од контрола на регулаторните институции. Затоа што, ако процесите во парламентот продолжат да се движат според темпо и принципи како во изминатите повеќе од две години, ќе дојде време и за нови избори. И на крај ќе излезе дека сè тече и се менува на политичката сцена во државата, само во МРТ истиот директор останува…