СДСМ: Тошковски ја хлорира водата во Гостивар, Мицкоски тврди дека е исправна
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ќе ги презентира најновите информации за состојбата на водата во Гостивар. На оваа најава реагираше СДСМ.
„Не министерот за здравство. Не министерот за животна средина. Не надлежните од Водовод. Туку министерот за полиција.
Мицкоски вчера најави дека техничката вода во Гостивар од денеска е чиста. Знаеме дека Тошковски најави хиперхлорирање. Изгледа дека тоа е работа на полицијата. Не пет тони дрога, не масовен убиец, не корупција – туку хиперхлорирање и водоснабдување.
Тошковски е познат по тоа што има Пегасус. Систем земен од Израелците, кој автократските држави го користат за следење и снимање на опозицијата.Сега кога веќе го има и може да ги снима сите разговори, се надеваме дека ја снимил и изјавата на премиерот дека од денеска Гостивар има чиста техничка вода. Дали им верувате на Мицкоски и Тошковски?
Вчера беа регистрирани уште 125 прегледи на лица со симптоми, а едно дете е хоспитализирано во болница. Водата била загадена со фекалии. А институциите молчеле.Симптомите почнале на 14 јули, а епидемија е прогласена дури на 19 јули.Цели пет дена институциите не ја информирале јавноста навреме и не презеле мерки. Додека граѓаните масовно завршувале по амбуланти и болници.
Министерот Клековски потврди дека имало отстапувања во примероците.Но, предупредувањето дојде доцна.Ова не е технички пропуст туку системски колапс. Кога институциите молчат додека илјадници луѓе се трујат, тогаш повеќе не зборуваме за грешка. Зборуваме за однос кон граѓаните.Одговорноста е јасна.Прашањето е само кога некој конечно ќе ја преземе“, стои во реакцијата на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека СДСМ шири паника и пласира неточни информации.
„СДС наместо да побара одговорност од своите поставени кадри во Гостивар, се обидува политички да профитира од скандалот со водата, кој кадри на нивната коалиција со ДУИ и Таравари, го создадоа“,се вели во партиското соопштение.
Оттаму велат дека владините институции активно работат на стабилизирање на состојбата, а намалувањето на бројот на граѓани што бараат медицинска помош укажува на подобрување на состојбите.
„Деновиве се очекува да биде воспоставено редовно и безбедно водоснабдување со технички исправна вода“, додаваат од партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, опозициската партија пласира неточни и непрецизни информации, користи застарени извештаи и создава чувство на несигурност кај граѓаните, иако, како што велат, состојбата е стабилизирана во краток временски рок.
Во реакцијата се осврнуваат и на случајот со водата во Валандово, посочувајќи дека вонредните анализи ги демантирале тврдењата на СДСМ дека водата не е безбедна за пиење.
„Дополнително, и покрај нивните тврдења дека водата во Валандово не е безбедна за пиење, вонредните анализи ги демантираа тие наводи. Ова не е првпат СДС да биде демантирана со официјални факти. Сепак, продолжува со ширење лаги и дезинформации, со цел да создаде неоснована загриженост кај јавноста“,посочија од партијата.
Го повикаа СДСМ наместо да се занимава со спинување на информациите и ширење паника, да побараат одговорност од градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани.
„Граѓаните треба да бидат спокојни, бидејќи владините институции преземаат конкретни мерки за стабилизирање на состојбата, а процесот на нормализирање е при крај“, велат од партијата.