Ние не сме странка во случаите на ОМО „Илинден“, вели Муцунски


Фото: Б. Грданоски

 

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, ја префрли вината на претходните влади од „пред 15, 20, па и повеќе години“ дека направиле грешка што македонската држава не е странка во предметите поврзани со ОМО „Илинден“ – Пирин, организација на македонското малцинство во Бугарија.

Муцунски рече дека прашањата за човековите права, а посебно „непочитта на човековите права на Македонците што живеат на територијата на Бугарија“, се прашања што ние ги активираме постојано во Советот на Европа.

Министерот Муцунски нагласи дека како државна институција е активна во сè што е поврзано со примената на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

„Ние сме прилично активна земја по повеќе предмети, но, меѓу другото, и предметите поврзани со ОМО ‘Илинден’ – Пирин и со други невладини организации на територијата на Бугарија.​ За жал, поради долгогодишна грешка пред 15, 20, па и повеќе години, ние не сме странка во тие постапки, иако сме можеле да бидеме, но тоа било погрешна одлука донесена во тој период. Меѓутоа, како земја членка на оваа организација имаме право да даваме свој импут и свои гледишта и тоа активно го правиме во Комитетот на министрите, каде што инсистираме на доследно спроведување и целосно имплементирање и спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права бидејќи тоа го сметаме како значајно цивилизациско достигнување во денешна Европа“, рече Муцински на денешната прес-конференција.  ​

Македонија го презема претседавањето со Советот на Европа во 2028 година и оти периодот од една и пол година ќе биде искористен за подготовки.