ЛДП: Бла-бла дипломатијата не успеа да договори ништо со Индија

Молдавија ѝ одржа лекција на Македонија одржа лекција како се прави бизнис со една голема сила како Индија


Гордана Сиљановска-Давкова и Друпади Мурму (Фото: Б. Грданоски)

 

Либерално-демократската партија ги критикува македонските власти дека не успеале да склучат никаков договор или да потпишат меморандум со најмногубројната нација на светот, Индија, за време на посетата на претседателката Друпади Мурму на Македонија. ЛДП вели дека посетата поминала во „пртоколарен фолклор, откривање биста и скапи дипломатски гоштевања“.

Мурму беше на регионална турнеја во рамките на која ги посети и Молдавија и Романија. Според ЛДП, властите во Кишињев и Букурешт потпишуваа конкретни меморандуми, обезбедуваа нови пазари за своите земјоделци и договараа реални инвестиции во фармацијата, ИТ секторот и логистиката.

„Кога немаат ништо конкретно на маса, функционерите фрлаат прашина во очите на јавноста со бајки за некаква ‘амбиција од 400 милиони долари трговска размена’.

ЛДП ги прашува Владата и Министерството: Како ќе ја остварите оваа фантазија кога индиските бизнисмени со месеци чекаат за застарени македонски визи, кога немаме ниту еден директен карго-лет и кога за цела посета не бевте способни да договорите ниту една правна олеснителна рамка? Со празни зборови и сликање за социјалните мрежи не се прави економија“, велат од партијата.

ЛДП ја нарече надворешната политика е „бла-бла дипломатија“ и вели дека на Македонија ѝ требаат резултати и пари за бизнисот, а не амбасадори и функционери чиј најголем дострел е организирање бизнис-форуми од кои сите си заминуваат со празни раце!

Според партијата, Молдавија, која до вчера ја сметавме зад нас, денес не само што нѐ претркува на патот кон Европската унија, туку ни одржа професионална лекција како се води економска дипломатија со глобална велесила. За време на посетата на Кишињев, Молдавија и Индија потпишаа договор за соработка во образованието. Моментно 1.400 студенти од Индија студираат на универзитетите во Молдавија, и тоа главно на медицина. Претседателката Мурму изјави декадипломатите од Молдавија се поканети да учествуваат на специфични курсеви и семинари фокусирани на вештачка интелигенција и сајбер дипломатија во институциите во Индија.