Зулфикар Зејнула избран за нов министер. Ќе биде без ресор, допрва ќе добие задолжение
Брзо откако неговата партија, Демократска партија на Турците (ДПТ), влезе во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, нејзиниот лидер, Зулфикар Зејнула е избран за министѕер без ресор. За тоа гласаа 67 пратеници, а 13 беа против.
Коалицијата предводена од СДСМ не го поддржа предлогот за избор на Зејнула за министер без ресор, како што рече пратеникот Оливер Спасовски, не затоа што е против кандидатот, туку затоа што сметаат дека нема да се промени ништо.
Наместо некаква визија, оцени Спасовски, ова е чиста борба за фотелји. Ова, рече, е министер за Бадентер, а не за претставеност на Турците во Собранието.
Пратеникот Скендер Реџепи од Алтернативата забележа дека во време кога, како што рече, државата е во општа економска, социјална, образовна и човечка криза, се отвараат нови ресори и се создаваат нови функции. Тој посочи дека Владата ги централизира сите институции во државата, го централизира и ги држи под контрола Собранието, медиумите и судството.
Пратеникот Бејџан Иљас од партијата ДПТ на Зејнула, изрази задоволство што нивен претставник ќе биде во Владата.
„Денес сме сведоци на зачувување на уставниот принцип на правична застапеност во структурата на Владата. По подолг временски период, турската заедница во нашата држава повторно ќе има свој претставник во Владата. Ова не е само избор на министер. Ова е порака дека институциите мора да останат отворени за сите граѓани и дека секоја заедница треба да ја има можноста да учествува во креирањето на државните политики“, рече Иљас.
Инаку, тој беше избран на листата на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ. Сега влезе во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, која со него брои 59 пратеници.
Реплицирајќи по изглагањата на пратениците, премиерот Христијан Мицкоски ги повика да дадат поддршка за предлогот оценувајќи дека Владата ќе добие на квалитет со изборот на Зејнула, кој најави дека на првата владина седница ќе добие задолжение.
Новиот министер без ресор Зејнула во периодот 2021 – 2024 бил заменик-директор на Дирекцијата за заштита и спасување, од 2018 до 2021 советник во Општина Гостивар.