Муцунски го обвини Османи за извртување на фактите за Преговарачката рамка


Од примопредавањето на функцијата

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски преку објава на Фејсбук упати критики до поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, обвинувајќи го дека ги извртува фактите и дека нема политички кредибилитет да ја коментира политиката на актуелната Влада.

Според Муцунски, Османи „многу добро знае што преговараше, што прифаќаше и во каква позиција ја остави државата“, поради што, како што наведува, не треба „да ги извртува фактите и да толкува туѓи изјави“.

Во објавата, Муцунски се осврнува и на политичкиот легитимитет на Османи, посочувајќи дека тој не успеа да ја добие довербата ниту на своите најблиски сограѓани во Чаир.

– Политичар кој не успеа да ја добие довербата ниту на своите најблиски сограѓани во Чаир, ниту на своите соседи, ниту на луѓето што најдобро го познаваат, навистина е последниот што треба да држи лекции за политички легитимитет – напиша Муцунски, додавајќи дека по таков пораз „многумина би покажале политичка одговорност и би се повлекле, наместо да продолжат да делат лекции“.

Министерот истакна дека ставот на актуелната Влада е непроменет од почетокот на нејзиниот мандат.

– За разлика од неговите спинови, позицијата на оваа Влада е јасна и непроменета од првиот ден. Повеќе од две години слушаме обвинувања дека ќе попуштиме, ќе се откажеме и ќе прифатиме сè што претходно било договорено. Наместо тоа, со дела покажавме доследност, принципиелност и јасна заштита на македонските национални интереси. Тоа денес е јасно и дома и кај нашите меѓународни партнери – наведува министерот.

Четири години трпам критики оти велам дека протоколите не се дел од преговарачката рамка, а сега тој чекор е поминат, вели ексминистерот за надворешни работи, Бујар Османи, откако актуелниот министер Тимчо Муцунски денеска изјави дека протоколите, односно записниците од разговорите, не се дел од Преговарачката рамка.

Вчера,  Муцунски беше прашан во однос на спорот со Бугарија, при што истакна дека земјава е во постојана комуникација со земјите-членки, европските институции, како и со соседна Бугарија, но не сакаше да даваше оценка колку двете земји се блиску или далеку од решение.

Тој посочи дека во целост се согласува со ставот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оти во содржината на преговарачката рамка, нема ниту експлицитна ниту, пак, имплицитна одредба поврзана со моментот на влегување во сила на уставните измени.

На новинарско прашање околу тоа дали протоколот е дел од Преговарачката рамка, пак, министерот неколкупати одговори негативно.

„Мојот став како министер за надворешни работи е дека протоколите, да повторам, тоа е називот на записниците од разговорите, некој одлучил да се наречат протоколи, зошто тоа е направено, еве во тоа да не навлезам, согласно моето толкување и како министер за надворешни и како правник е дека тие не се дел од преговарачката рамка“, рече Муцунски.