Судењето не е почнато, а Груби веќе „амнестиран“ пет години затвор
Делото за кое беше истражуван вицепремиерот Артан Груби околу случајот со „Државна лотарија“ не е исто со делото за кое ќе биде суден. Ова произлегува од обвинението објавено вчера од Основното јавно обвинителство. Имено, истите злоупотреби сега се преквалификувани како „злоупотреба на службената положба и овластување според член 353 став 5 во врска со став 4 и став 1 од Кривичниот законик“, дело за кое е предвидена затворска казна од најмногу пет години. Ваквата казна теоретски остава простор и да биде условно осуден.
Станува збор за фамозниот член 353 од контроверзните измени на Кривичниот законик што во 2023 година ги предложија и ги донесоа СДСМ и ДУИ со помош на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тие обезбедија кворум на седницата. Со оглед на тоа што во македонското кривично право важи уставното и законското начело на задолжителна примена на поблагиот закон за сторителот, за Груби ќе важи овој закон којшто е најповолен за обвинети функционери обвинети за злоупотреби и корупција. Наспроти тоа, додека траеше истрагата и додека тој беше во бегство Обвинителството го товареше Груби за кривично дело „проневера во службата“ според член 354 – дело за кое беа предвидени затворски казни и до 10 години, што значи дека вече на стартот се „спаси“ ид пет години затвор.
Почетокот на главната расправа е веќе закажан за 24 август во 10 часот, а ќе ја води судијката Билјана Шуплиновска-Јовеска. Адвокатот на Груби, Гоце Ристески, вели дека предлогот го немаат примено и дека немаат право на приговор.
Скопското обвинителство пред да истече рокот за куќниот притвор на Груби, соопшти дека е поднесено обвинение за Груби и за уште седум други лица под сомнение дека го оштетиле буџетот за 8,2 милиони евра со одлуката за набавка на видеолотариски терминали.