И Шекспир да им позавиди на партиските соопштенија
Политичките партии во државава, што секојдневно бомбардираат со десетици соопштенија и ја користат секоја тема за да го фокусираат вниманието на јавноста кај што ним им одговара, никако да изгубат инспирација. Уште повеќе, почнаа да се надминуваат себеси, а по денешното драмски сработено соопштение на ВМРО-ДПМНЕ – може и Вилијам Шекспир да им позавиди. Во него има и драма, и поезија, и заплет, и расплет, и комедија, и трагедија, само релевантна информација не.
„СДС закажа прес-конференција, истата ја презакажа, за денес целосно да ја откажат. Едно е очигледно – бродот на СДС тоне, а кормилар никаде нема“, соопштија драматично од ВМРО-ДПМНЕ. Еве што стои во соопштението:
-Има ли кормилар на бродот на СДС што тоне? СДС закажа прес-конференција на Фани Каранфилова-Пановска пред зградата на МНР. Само 15 минути подоцна, истата прес-конференција ја презакажаа пред седиштето на СДС. За денес целосно да ја откажат.Логично, по сето ова се поставуваат неколку прашања:
Дали и Фани Каранфилова-Пановска е на одмор, исто како Венко Филипче на јахтата на Заев, па не може навреме да стигне на прес-конференцијата?
Можеби на граничниот премин Евзони има преголема гужва за влез во Македонија, па Фани не може да пристигне?
Дали, можеби, избувнал пожар во кујната за лаги на СДС, па денешниот рецепт за нова тура дезинформации им бил неуспешен?
Или, можеби, нема никој во штабот на СДС ни да ја отвори вратата?
Како и да е, едно е очигледно – бродот на СДС тоне, а кормилар никаде нема.
Талогот во СДС очигледно е на одмор, а се активира само кога треба да шири лаги, за да создава хистерија и да ѝ нанесува штета на Македонија“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ чии министри масовно се на одмор заедно со премиерот среде две епидемии, па Александар Николоски мора секој ден да држи прес конференција.
Претходно СДСМ објави дека ВМРО-ДПМНЕ нема време за Гостивар – зошто мора да одат на море.