ДУИ: Од 549 новопримени полицајци, помалку од 40 се Албанци; Од 30 наградени само еден е Албанец


Фото: Б. Грданоски

Последните податоци од Министерството за внатрешни работи покажуваат сериозен пад на застапеноста на Албанците во полицијата, па така од 549 новопримени полицајци, помалку од 40 се Албанци. Тоа е околу 7 проценти од вкупниот број, пресмета денеска опозициската ДУИ.

– Истиот дисбаланс беше видлив и при одбележувањето на Денот на полицијата. Од 30 наградени најдобри полициски службеници, само еден беше Албанец. Овие две бројки јасно ја покажуваат насоката на кадровската политика во Министерството за внатрешни работи – сметаат од таму.

Полицијата беше една од институциите во кои Охридскиот мировен договор донесе суштинска промена во застапеноста на Албанците. Правичната и соодветна застапеност беше утврдена како уставен принцип со цел државните институции да го одразуваат мултиетничкиот карактер на земјата. Денес, 25 години по Охридскиот договор, податоците од МВР покажуваат назадување во овој процес, појаснуваат од ДУи.

Сметаат дека помалку од 40 Албанци од 549 новопримени полицајци и само еден Албанец од 30 наградени полициски службеници се конкретни показатели за оваа политика.

ДУИ ќе продолжи да ги следи конкурсите, унапредувањата и именувањата во Министерството за внатрешни работи и во другите државни институции, и јавно ќе го посочува секое нарушување на принципот на правична и соодветна застапеност.