СДСМ го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека ја блокира државата „со умисла“
СДСМ и одбројува на владата, на која и останаа уште десет дена да достави список на реформите што успеала да ги направи за да земе пари од Планот за раст. Според СДСМ остануваат уште 12 дена до ново големо разочарување.
„Уште 12 дена остануваат до рокот што самиот Христијан Мицкоски го постави за исполнување на реформите и европските обврски. Уште 12 дена до уште едно големо разочарување и уште едно неисполнето ветување на Мицкоски.Без измени на Уставот и внесување на малцинствата, нема продолжување на ЕУ интеграциите, нема помрднување од мртва точка. Нема отворање на следната фаза од преговорите, без разлика колку точки формално ќе бидат исполнети. Тоа е суштината.
Мицкоски самиот тврдеше дека има апсолутно мнозинство, самиот ја укина техничката влада без консензус. Сега нека не бара алиби од СДСМ. Ние нема да му бидеме алиби за неисполнување на реформите. Нека ги заврши реформите што ги вети, нека ги исполни обврските до 1 јуни“, порачаа утрово од СДСМ.
Синоќа во интервју за 360 степени лидерот на оваа партија Венко Филипче оцени дека „ова блокирање на државата и оваа кражба е со умисла“.
„Тоа што оваа власт, кога беше во опозиција од 2017 година до 2024 година, со една силна пропагандна, црна ПР стратегија, сите политики стратегиски добри за државата, ги претстави како предавнички, тоа е нешто што они како систем и сега продолжуваат да го прават. И зашто велам дека сето тоа што се случува тука во државата е со умисла. Како говореше предателката сегашна Силјановска Давкова, дека Преспанскиот договор е предавство, дека го загрозува националниот идентитети, дека таа никогаш нема да го користи Уставното име. Како говореше премиерот Христијан Мицкоски, дека додека тој е ВМРО, Преспанскиот договор не е завршена работа. Во незината изјава, она точно кажува што таа мисли и што говори кога сака да го претстави Договорот како предавство. Се повикува на некои членови дека значат заштита и вика иако јас сметам дека тоа е спротивно на Уставот, меѓународното право и така натаму. Кога ќе видите нејзините изјави, пред кампањата 2024 година, тука застанува. И после тоа да објаснува, иако тоа не е така, што го кажува во сегашната изјава.
Значи, жената била свесна дека лажела, дека кога говорела дека тоа е спротивно на нашиот Устав, меѓународното право, знаела дека тоа никако сепак не го загрозува националниот идентитет. И тоа е исто за целата пропаганда на ВМРО. Луѓето свесно лажат. Тогаш не би говореле пред странците дека договорите се добри. Еве сега признаа. Дека сето тоа било една црна кампања дека сме ние предавници дека Преспанскиот договор го загрозува народот, идентитетот, јазикот, а не е тоа вистинитата„, рече Филипче.
Од СДСМ порачаа исто така дека со години Виктор Орбан намерно го блокираше овој процес за да ја чува тензијата, да ја држи Унгарија во конфронтација со ЕУ и да ги штити руските интереси и дека сега иста политика применува и Христијан Мицкоски.
„Тој намерно ја блокира уставната измена за малцинствата, не за да го „брани македонскиот идентитет“, туку за да ја блокира ЕУ интеграцијата на Македонија. Зошто? Затоа што влезот во Европа значи независно судство, Европско јавно обвинителство и крај на неговата криминална заштита. Мицкоски не сака ЕУ затоа што мора да одговара. Изолацијата на Македонија, покрај што им гарантира слобода на него и неговата криминална група, истовремено ја исполнува обврската кон Русија – да остане нејзин прокси играч на Балканот“, рече Филипче.
Според него, граѓаните јасно гледаат декла политиката на конфронтација, изолација и лаги не носи ништо освен сиромаштија, заостанување и туѓи интереси.