Демократски сојуз ја повикува владата да не подлегнува на притисоци за правосудниот испит


Од протестот за правосудниот испит (Фото: Б. Грданоски)

 

Демократскиот сојуз на Павле Трајанов ја обвини ДУИ дека сака дестабилизација на Македонија со протестите на студенти правосудниот испит да се полага на албански јазик.

Според ДС, зад овие активности стоела политичката агенда на ДУИ, „која се обидува преку националистичка реторика, етнички тензии и вештачки кризи да предизвика дестабилизација на државата и да обезбеди политички поени“.

За партијата на Трајанов загрижувачки било што на протестите имало и граѓани од Косово и Албанија, што „претставува недозволив обид за надворешно влијание врз внатрешните политички и институционални прашања на Македонија“.

Демократски сојуз ја повикува Владата да „не подлегнува на притисоци, уцени и радикални барања, туку преку дијалог и стручна дебата да изнајде европско и одржливо решение кое ќе обезбеди целосно почитување на јазичните права на сите заедници; задолжително познавање на македонскиот јазик за носителите на правосудни функции и зачувување на единствениот правосуден систем и унитарниот карактер на државата.