Вицепремиерот Арбен Фетаи го нема, а изгледа нема ни да дојде
Во Собранието денеска чекаа да дојде вицепремиерот. Исто така го чекаат и во Владата да се појави на работното место. Тој не е во Македонија, а изгледа уште зема плата
Нема кој да одговори каде се наоѓа вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи. Ниту дали сѐ уште зема плата иако неколку месеци не доаѓа на работа, но испраќа фотографии од егзотични дестинации како Тајланд. Премиерот Христијан Мицкоски молчи, молчеше денеска и потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски кога беше побарано од него вицепремиерот да се појави на седницата за пратенички прашања.
Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова, побара од Милошоски да го обезбеди присуството на Фетаи на седницата, но потпретседателот не знаеше што да одговори. Можеше да го цитира премиерот кој еднаш изјави дека Фетаи му рекол оти не се гледа како дел од владата што тој ја предводи. Но не го кажа тоа затоа што таа изјава ќе отвореше дополнителни прашања.
„Барам да обезбедите присуството на вицепремиерот Арбен Фетаи кој е должен според своите работни обврски да е присутен на седницата. Ве молам запрете ми го времето додека не го обезбедите Фетаи. Ве молам да го почекаме да влезе во собраниската сала вицепремиерот за добро владеење“, рече Николова.
Милошоски одговори дека нема известување дали Фетаи ќе присуствува на седницата и пратеничката ако сака може прашањето да го постави писмено.
Сите министри биле поканети, а само министерката за образование, Весна Јаневска, го потврдила своето отсуство, додека вицепремиерот Фетаи не испратил известување дали ќе учествува на седницата.
„Еден функционер кому работна задача му е одговорност и добро владеење самиот стана симбол на неодговорност, на непочитување на пратениците, на непочитување на граѓаните и на државата. Ако работник не се појави на работното место ќе добие отказ. Ако административец не оди на работа ќе го изгуби работното место, на наставник ќе му биде одбиено од плата и ќе треба да ги надомести часовите, но на вицепремиер кога не оди на работа изгледа сѐ му е дозволено. Тоа е непочитување на граѓаните од кои вицепремиерот Фетаи зема плата“, рече Николова.
Таа праша колку време Фетаи не оди на работа, кој ги покрива трошоци додека тој праќа фотографии на социјални мрежи од егзотични дестинации.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски процедурално се обрати и рече дека имале пратеничко прашање за Фетаи, кое било најавено и дека тој треба да присуствува на седницата.
„Нема оставка на Фетаи од функцијата и нема барање од премиерот Мицкоски за разрешување на Фетаи од функцијата. Ги одбивте сите наши предлози за парична помош за ученици и за други оти како што велите, нема пари, а вицепремиерот може да троши пари во Тајланд, а премиерот да го толерира тоа и да не го разрешува. Ова е крајно ниско однесување за еден вицепремиер“, рече Спасовски.
Премиерот Мицкоски подолго време најавува дека ќе има рекострукција на владата во јуни. Веројатно тогаш ќе биде опфатен и вицепремирот кој самиот се откажа од владата и не доаѓа на работа.
Неодамна „Независен“ испрати прашање до портапролката на Владата Марија Митева, дали Фетаи сѐ уште е на платниот список на Владата. И ако прима паричен надомест како вицепремиер, а не ја работи неговата работа, до кога ќе трае тоа.
Од одговорот на прес-службата на Владата јасно беше дека вицепремиерот и натаму формално сѐ уште е член на Владата, иако фактички не е. А штом е министер нему му следува и плата.
Еве го одговорот од Владата за „Независен“:
„Во однос на индивидуалните активности и дневни агенди на министрите, секторот за односи со јавност не води детална евиденција за приватни или работни распореди надвор од формалните институционални обврски.
Секој носител на јавна функција има лична одговорност пред јавноста и за тоа треба директно да одговори за што ве упатуваме прашањата да ги насочите директно кон носителот на јавната функција.
Она што е важно да се потенцира е дека Владата функционира како колективно тело непречено и со полн институционален капацитет. Сите одлуки се носат навремено, процесите се одвиваат без застој и нема никакво нарушување во извршувањето на владините политики.
Во однос на конкретниот министер, веќе јавно беше соопштено дека ќе биде опфатен со претстојната реконструкција на Владата. Тоа е институционалниот механизам преку кој се оценува работата и се прават соодветни кадровски прилагодувања“.